Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната средба со претставничките на Институтот за европски политики(ЕПИ) разговараше за регионалниот проект поддржан од ЕУ за темелните права на ромската заедница и реинтеграција на повратниците од ЕУ. Прроектот го спроведуваат Светска банка, УНДП и Советот на Европа, а директен корисник е Министерсвото за труд и социјална политика.
Улогата на ЕПИ е поддршка на Министерството за труд и социјална политика и УНДП преку подготовка на Методологија за оценка за ранливоста на повратниците на локално ниво, за достапните услуги, локалните потенцијали и партнери кои можат да дејствуваат како релевантни даватели на услуги, во областа на социјалната и здравствена заштита, при обезбедувањето на лична документација и нивна активација на пазарот на труд.
Од ЕПИ информираа дека со проценката на ранливоста ќе бидат опфатени шест општини, а врз основа на резултатите ќе бидат издвоени три од нив за спроведување на натамошните проектни активности.
Министерката за труд и социјална политика, Шахпаска истакна дека прашањето со повратниците во нашата земја е особено важно прашање, земајќи го предвид и евроинтегративниот пат на нашата држава и спроведувањето на поглавјето 23 за правда и човекови права.
-Пристапот кон социјалните услуги, вработувањето на овие лица, образованието и домувањето се главните точки на кои Министерството е подготвено да работи со цел нивна ефективна реинтеграција, истакна Шахпаска.
Таа се осврна на олеснетиот пристап на гарантирана минимална помош за ранливите категории на граѓани, во кои спаѓаат и повратниците, со цел обезбедување на средства за пристоен живот. Како особено важна министерката ја посочи нивната активација на пазарот на труд , со цел избегнување на можноста за нивна пасивизацијата како дел од системот за социјална заштита.
Министерката Шахпаска изрази силна поддршка на овој проект и подготвеност за соработка со цел негова успешна реализација.