Северна Македонија и Албанија немаат алтернатива за членството во Европска Унија

Северна Македонија и Албанија немаат алтернатива за членството во Европска Унија, а безбедноста на Западен Балкан значи и безбедност на Европа, оценија претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Илир Мета на прес-конферецијата по денешната средба во Тирана, јави известувачот на МИА.

Албанскиот претседател наведе дека изборот на Пендаровски за претседател ќе придонесе за нова димензија во меѓуетничките односи во земјата, и за зајакнување на соживотот, што ќе има импликации и на зајакнување на добро соседските односи.

– На средбата го информирав мојот колега, претседателот Мета, за неодамна одржаната лидерска средба кај нас, на која утврдивме државен конзензус да се продолжи со европскиот пат, но и да се организираат предвремени парламентарни избори. Со албанскиот претседател се согласивме дека наша обврска како шефови на држави е да продолжиме да ги охрабруваме сите политички фактори во нашите држави да продолжат со спроведување на обвврските од европската агенда во интерес на нашите граѓани, како и да продолжиме да ги убедуваме европските лидери дека преговорите со земјите во регионот се вллог во стабилноста и просперитетот, изјави Пендаровски.

Мета посочи дека Северна Македонија има поддршка од Албанија на нејзиниот пат кон НАТО.

– Земјата сигурно чекори кон членството во НАТО и тоа ни причинува задоволство бидејќи покажавме искрена поддршка за овој регион да ги зајакне безбедносните параметри за да се исполнат сите заложби од Охридскиот договор, бидејќи тоа е важно прашање во сите аспекти не само за зајакнување на соживотот туку и на самата ЕУ перспектива на земјата, посочи Мета.

Пендаровски наведе дека денешната средба со Мета се одвива во вонредни услови откако пред една недела двете земји не ги почнаа пореговорите со ЕУ. Тој потенцира дека и покрај тоа „единствен пат е членството во ЕУ, а секоја друга идеја е неприфатлива“ и поради тоа „треба да бидеме поуверливи во нашите реформи и трансформации“.

Пендаровски на средбата со Мета предложи земјите од Западен Балкан да одржат Самит на кој ќе се дискутира за проширувањето, добрососедските односи, и при тоа да се отфрлат идеите за алтернативи за евроинтеграцијата.

Претседателот Пендаровски предложи и иницијатива за формирање на неформална група за македонско-албанско  пријателство, која покрај зајакнување на врските помеѓу политичарите и бизнисмените, ќе биде фокусирана на младите.

На средбата разменети се информации за положбата на македонската заедница во Албанија и на албанската во Северна Македонија кои се фактори на зближување и збогатување на соработката.

Мета од своја страна наведе дека го уверил Пендаровски за заложбите за целосна интеграција на македонското малцинство во Албанија. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e