Селмани: Сопственикот и менаџментот на Телма го девалвираат македонскиот Устав

Здружението на новинари на Македонија остро го осудува чинот на цензура во Телевизија Телма. Поразително е за Македонија како земја, за нас како граѓани, да се применува брутална цензура пред очите на македонската јавност, сметаат од ЗНМ.

„Сопственикот, менаџментот и главниот уредник на Телма, со овој срамен чин, го девалвираат македонскиот Устав, со кој забранува цензура. Македонија нема да се демократизира и да се интегрира во европското семјество на слободни народи со цензура во медиумите. Напротив, обврска на Владата и на институциите е да обезбедат поволен амбиент за работа на новинарите. За да биде уште потрагично, ова брутално газење на слободата на медиумите и се случува на владата која јавно ни вети дека никогаш повеќе нема да дозволи притисоци и цензура во медиумите како во времето на режимот на Груевски. Крајно време е владата да разбере дека не може да ги затвора очите пред овие брутални форми на цензура во медиумите – истакна Насер Селмани, претседател на Здружението во изјава за Фокус.

Според него, треба веднаш да реагира и да им се посочи на медиумските тајкуни дека тие се сопственици на медиумите, но дека новинарската професија е на новинарите и не смеат да се мешаат во нивната работа.

„Ја повикуваме Телевизија Телма да ја повлече одлуката за цензурирање на емисијата Код на колешката Снежана Лупевска и да ги санкционира одговорните за ваквата срамна одлука. Во спротивно ќе ги преземеме сите мерки што ги имаме на располагање за да ги заштитиме правата на нашите колеги, но и правото на јавноста да биде информирана“ – додава Селмани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ