СДСМ Штип: Бараме формирање на посебна Комисија за продажбата на ФК Брегалница

“Предлог одлуката за продажба на акциите на фудбалскиот клуб Брегалница 2008 АД, кои се во сопственост на Општина Штип, е донесена набрзина и има многу недоречености, кои можат да бидат на штета на граѓаните и клубот.

Години наназад се издвојуваа помеѓу 300 и 400 илјади евра годишно од буџетот на Општина Штип, за кои граѓаните на Штип не знаеа каде и на кој начин се потрошени.” – изјави Мики Тодоров, советник од СДСМ и коалициските партнери.

“Зошто сега продажбата е предвидено да оди на јавен повик, а не на берза?!

Не се знае кој ќе ги преземе досегашните долгови на ФК Брегалница?

Не се знае дали при евентуално раскинување на договорот со тренери и играчи, тие ќе бидат обесштетени и кој ќе ги обесштети?

Дали ќе се пропишат услови за одржување на стадионот?

Што ќе се случува со претходниот договор со ФФМ за реконструкција на стадионот и изградба на покриени трибини?

Постои недореченост во членот 3 од предлог одлуката, и потребно е вредноста од 300.000 евра, во денарска против вредност, јасно да се дефинира.

Сметаме дека задолжително треба да постои клаузала, во случај на неисполнување на обврските, купувачот да плати пенали за нереализираните обврски.

За да се избегнат недореченостите и сомнежите за избрзаното донесување на одлуката, а во интерес на повеќе трофејниот клуб Брегалница и градот Штип, предлагаме формирање на посебна Комисија.

Оваа комисија да ги дефинира сите овие работи и на крајот ќе се направи договор во интерес на град Штип и фудбалот во Штип, зад кој ќе застанеме сите.” – додаде советникот од Штип.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e