Рот: Би било фатално да се остават С.Македонија и Албанија на други актери како Русија, Кина или Турција

Албанија и Северна Македонија ги исполнија условите утврдени од Брисел. Тие припаѓаат на Европа. Би било фатално да се остави теренот на други актери како Русија, Кина или Турција, истакнува германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи, Михаел Рот, во колмна за „Велт“.

– Да, ние треба да ја реформираме Европската унија! Но, тоа не е во спротивност со нејзиното проширување. Поголема ЕУ, која во исто време е поспособна, посуверена и подемократска, може да создаде поголема безбедност за своите граѓани. Затоа, претседателот ЕК во заминување Жан-Клод Јункер е во право: „историска грешка“ е што лидерите на ЕУ на 18 октомври не дадоа зелено светло за планираното почнување пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Не успеја да донесат одлука заради потребниот консензус, наведува Рот.

Повторното одложување на позитивното гласање предизвика вознемиреност – како на Балканот, така и во ЕУ, бидејќи и двете земји ги исполнија условите поставени од ЕУ, вели Рот, посочувајќи оти и Европската комисија одамна го потврди тоа во своите извештаи.

– Наша примарна цел мора да биде да се ​​направи сè за мир, помирување и демократија на Западен Балкан. Бидејќи регионот не е „задниот двор“ на европската куќа. Тој е дворот! Стабилизацијата и поврзувањето на регионот е во непосреден европски и германски интерес. Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, таа им препушта теренот на други актери како Русија, Кина или Турција. А нивниот примарен интерес секако не е зајакнување на демократијата и владеењето на правото, пишува Михаел Рот.

Позитивна одлука, според него, би го испратила неопходниот сигнал: ЕУ е сериозна во врска со нејзината одговорност за цела Европа и перспективата за приклучување на Западен Балкан. И, таа би признала и потврдила дека Албанија и Северна Македонија направија одлична работа и постојано ги спроведуваа реформите. И во двете држави, граѓаните и владите докажаа уште еднаш дека се подготвени да направат болни компромиси за приближување кон ЕУ.

– Одложувањето на одлуката за преговори му штети на кредибилитетот на ЕУ. Во регионот, тоа ги зајакнува оние сили кои немаат интерес за реформи и напредок. Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев веќе најави оставка и нови избори за април. Постои опасност од повторно враќање во национализмот и отворање на старите рани и етнички конфликти, наведува германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e