Различни мислења за ратификацијата на Протоколот во период на избори

Дваесет и осум од 29 земји-членки за девет месеци го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Останува тоа да го стори уште Шпанија, каде на почетокот на месецот се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада, а според процедурите најрано првата конститутивна седница на шпанскиот Парламент би се одржала на 3 декември, за кога е закажан и Самитот на НАТО во Лондон.

Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Република Северна Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои се закажани за 12 април.

Во земјава сите се согласни во едно – членството во НАТО е стратешка цел број еден и тоа никој не го оспорува, но не постои согласно околу тоа дали Собранието во време на избори може да го ратификува Протоколот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери останува на ставот дека откако ќе биде распуштен Парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на Протоколот за членство во НАТО.

Ако во меѓувреме Шпанија избере Влада и го ратификува нема да има никакви пречки, но ако ако ратификацијата во оваа земја се случи во изборниот период, според Џафери постои можност Протоколот да биде ратификуван по завршување на изборите и конституирање на новиот парламентарен состав.

Најновите информации, посочи вчера Џафери говорат дека во Шпанија Владата би можела да биде формирана во наредниот период, а Протоколот да биде ратификуван во јануари. Тоа, потенцира Џафери, остава простор протоколот да биде ратификуван во Собранието на Република Северна Македонија пред биде распуштено заради одржување на изборите.

Нагласува дека распуштен Парламент не може да се свика без оглед што мандатот на пратениците трае до избор на нови. По распуштањето, потенцира Џафери, не може и не би требало да се врати назад затоа што со Устав е пропишано во случај на потреба кој ги има надлежностите, а тоа е претседателот на државата до избор на нов парламентарен состав. Додава дека тоа го пропишува Уставот и не е предмет на толкување.

Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, би било неодговорно да направиме што било што ќе го загрози членството во НАТО – стратешка цел број еден, макар и да ја одложи на одредено време.

Таа појасни дека одложувањето на изборите не е опција, а веќе се разговара со дел од пратеници и со други институции за можност за свикување на Собранието и по закажување на изборите, оти вели тој собраниски состав е функционален. -Ние во ниеден момент не можеме да кажеме – немаме Собрание, рече Шекеринска рече таа вчера по по презентацијата на буџетот за одбраната за 2020 година.

-Нашиот став е Собранието кое носеше тешки одлуки треба да биде и  Собрание кое ќе ги потврди бенефитите од тие тешки одлуки. Не можете да барате од пратениците да гласаат за уставни измени, а од друга страна да им кажете не сте ни потребни  за да го потврдите нашето членство во НАТО. Гласаа за тие уставни измени и за да го направат сето тоа возможно и затоа нашата цел е тоа да го направи и да го ратификува  овој собраниски состав, истакна Шекеринска.

-Мислам дека тоа ова Собрание навистина го заслужи. Од друга страна сметаме дека би било лош имиџ за државата да прави притисок, дипломатски напори да телефонираме кај сите  кај кои можеме, за да ја забрзаме ратификацијата од земјите членки и кога тие ќе завршат ние да кажеме, а сега ние ќе почекаме едно три – четири месеци, додаде министерката за одбрана.

Претседателот Стево Пендаровски минатата недела изјави дека не би сакал предвреме да зборува дали Собранието би се состанало повторно по распуштањето доколку Шпанија го ратификува Протоколот за членство во НАТО. Истакна дека станува збор за техничко прашање, а не политичко.

Владата по Лондонскиот самит и по првите сигнали од Шпанија околу формирањето на Владата во Мадрид планирано е да има има средба со сите чинители  вклучувајќи го и претседателот на Собранието и на државата за да се направи проценка за термините.
Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон, но во Шпанија на 10 ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Изборите во земјава треба да се одржат на 12 април, а Собранието да се распушти на 12 февруари односно на 60 дена пред нивното одржување.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, документот треба да биде ратификуван и во Собранието на Северна Македонија, со што земјата станува 30-та членка на НАТО.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e