Против Груевски се водат четири истражни и една предистражна постапка, наведува Правда во барањето за екстрадиција

Министерството за правда попладнево соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија.

– Барањето за екстридиција се однесува за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата, се вели во сопштението.

Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција.

Од Министерството за правда наведуваат дека правата на Никола Груевски во секој момент биле обезбедени, вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање согласно Законот за кривична постапка.

Укажуваат и дека судската постапка во која е донесена пресудата и другите постапки кои се водат против Груевски се мониторирани од страна на ОБСЕ чија членка е и Унгарија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје на 28.8.2018 година, го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО и за ниту еден од мониторираните предмети не е истакната забелешка во поглед на правата на обвинетите, ниту може да се истакне било каков сомнеж дека кривичните постапки се политички мотивирани. Овој извештај е јавно достапен на интернет страницата на ОБСЕ, велат од Министерството.

Исто така, истакнато е дека Република Македонија е безбедна земја и не се наоѓа во никаков конфликт, меѓународен или внатрешен, а кој би го ставил во опасност животот и телесниот интегритет на било кој поединец.

Никола Груевски како поранешен претседателот на Владата на Република Македонија, имал лично обезбедување од шест припадници на МВР кое му следува согласно домашната легислатива. Исто така, напоменуваме дека Груевски во ниеден случај не пријавил дека неговиот живот и личен интегритет биле во опасност.

Во барањето се укажува и на ништовноста на дадените помилувања од Претседателот на Република Македонија, како и на фактот дека истите беа отповикани, како и на тоа дека Никола Груевски самиот се откажа од даденото помилување со писмо доставено до кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

– Република Македонија бара лицето Груевски да биде екстрадирано, а имајќи ја предвид сериозноста на кривичните дела, бараме истиот да биде лишен од слобода и задржан во притвор, потсетувајќи дека за него е издадена и меѓународна потерница, се посочува во соопштението од Министерството за правда.

Во прилог на барањето за екстрадиција се доставени документи од Основен Суд Скопје 1, СЈО и ЈОРМ, со укажување дека досието ќе се дополнува.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e