Унгарските власти отворија кривична истрага за работењето на државната Ексимбанка, а меѓу четирите случаи под проверка е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Северна Македонија во времето на Виктор Орбан.
Унгарската полиција истражува сомнежи за злоупотреба на службената положба и несовесно управување.
Меѓу предметите е и заемот од една милијарда евра одобрен за Владата на Христијан Мицкоски.
Истражителите веќе заплениле илјадници страници документација од унгарското Министерство за економија.
Унгарскиот кредит за Северна Македонија е меѓу четирите случаи што се предмет на нова кривична истрага против сомнителни активности во државната Ексимбанка.
Според Ројтерс, кој се повикува на соопштение од унгарската полиција, истрагата опфаќа сомнежи за злоупотреба на службената положба и несовесно управување во работењето на банката за време на претходната администрација.
Еден од предметите се однесува токму на кредитот од една милијарда евра одобрен за Македонија, за кој унгарското Министерство за економија во јули поднело пријава по спроведена ревизија.
Во рамки на истрагата, истражителите во понеделник заплениле илјадници страници интерна документација од Министерството за економија.
„Овие документи се обезбедени во текот на внатрешната истрага и содржат дополнителни информации важни за испитувањето на пријавените дела“, се наведува во полициското соопштение.
И унгарскиот кредит за Македонија е под истрага
Ексимбанка до јуни 2022 година била под надлежност на Министерството за надворешни работи, по што преминала под надзор на Министерството за економија.
Банката засега не одговорила на барањата за коментар во врска со истрагата.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој на изборите во април стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, најави борба против, како што тврди, широко распространетата корупција во институциите во времето на претходната власт.
Орбан во повеќе наврати ги отфрли ваквите обвинувања.
Во јули, унгарското Министерство за економија до полицијата доставило четири предмети поврзани со работењето на Ексимбанка.
Еден од нив се однесува на кредитот за Македонија, одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти и со целосна државна гаранција.
Според Петер Маѓар, постои сомнеж дека средства првично наменети за поддршка на унгарските компании биле искористени за зајакнување на странски политички сојузници.
Тој, исто така, изразил сомнеж дека од ваквите аранжмани можеби корист имале и компании блиски до поранешната власт.
Кредитната линија од Унгарија е дел од заемот што Владата го обезбеди преку Ексимбанка.
Од вкупниот износ, 250 милиони евра беа пласирани директно во домашното стопанство како поддршка за развој и инвестиции.
Дополнителни 250 милиони евра беа наменети за финансирање капитални и инфраструктурни проекти во општините.
Средствата преку јавни повици беа насочени кон изградба и реконструкција на детски градинки, училишта, спортски сали и локални улици, како и кон други инфраструктурни проекти низ државата.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно оцени дека унгарскиот кредит ќе придонесе за подобрување на инфраструктурата и побрза реализација на развојните проекти на локално ниво.
Сепак, истрагата во Унгарија сега треба да утврди дали при одобрувањето на заемот биле почитувани законските процедури и дали средствата биле одобрени согласно нивната намена.
Истрагата сега го отвора прашањето дали дел од средствата и кредитите одобрени преку оваа институција биле користени и за политички цели надвор од Унгарија, а одговорот на тоа прашање може директно да се однесува и на заемот што го доби Северна Македонија.
Извор: Канал77
