Клековски за повреденото дете од Чаир: Има убод во срце, критично е

13-годишното дете кое беше избодено со нож во тепачка во скопски Чаир е во критична здравствена состојба, откако при нападот добило убод во пределот на срцето.

Министерот за здравство Сашо Клековски утрово, на прес-конференција, ја потврди сериозноста на состојбата на детето, нагласувајќи дека лекарите прават сè што е во нивна можност.

„Убод во срце, критично е. Нашите мисли се со него, но веќе медицината нема многу што може да направи“, изјави Клековски.

Детето беше тешко повредено во тепачка на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Чаир. Според досегашните информации, во инцидентот учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице.

Во тепачката биле употребени ножеви и безбол-палки. Еден од малолетниците, роден во 2012 година, признал дека користел нож, но форензичката анализа треба да покаже дали токму со него му бил нанесен убодот на 13-годишното дете.

Неговиот брат, роден во 2007 година, според досегашните информации, одбива да даде исказ.

Полицијата продолжува со расчистување на случајот и утврдување на улогата на сите учесници. Се подготвува кривична пријава за обид за убиство, додека конечната правна квалификација на делото ќе ја утврди надлежното обвинителство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e