Казнети првите мотоциклисти преку „Безбеден град“

Системот „Безбеден град“ почна да ги регистрира и прекршоците направени од мотоциклисти, откако Министерството за внатрешни работи пронајде техничко решение за проблемот со идентификацијата на мотоциклите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека камерите првично имале проблем со мотоциклите бидејќи го снимаат предниот дел од возилата, додека регистарските таблички кај мотоциклите се поставени одзади.
МВР поставило дополнителна соодветна опрема на локации со најдобри технички услови, а резултатите биле видливи уште првиот ден.
„Првиот ден имаме констатирано некаде околу девет прекршоци за недозволена брзина“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека се надминати и други технички предизвици поврзани со системот, меѓу кои идентификацијата на странските возила. МВР работи и на решение за санкционирање на странските возачи на сите гранични премини, без дополнително задржување.
Тошковски изнесе и податоци за намалување на бројот на жртви во сообраќајот. До 1 септември 2025 година загинале 96 лица, додека во истиот период годинава животот го загубиле 60 лица – 36 помалку.
Според министерот, целта на „Безбеден град“ е неселективно санкционирање, намалување на човечкиот фактор и, пред сè, спасување човечки животи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e