Притворот си го направи своето: Општина Битола бега од новиот тендер за превоз на ученици

Нов скандал ја тресе Битола со бесплатниот превоз на ученици, кој треба да се организира за новата учебна година. Наместо Општината, како што беше досегашната практика, сега локалната самоуправа бара тендерот за бесплатниот школски превоз да го организира средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“. Ова е преседан што може да предизвика големи проблеми во наставата, сметаат наставниците. – пишува Мета.

Откако градоначалникот Владимир Талески трет месец е во куќен притвор за случајот „Транспортер“, кој Специјалното јавно обвинителство го отвори поради сомнежи за криминал со тендерите за превозот на ученици, сега Општина Битола побарала тендерот за бесплатниот превоз на ниво на Општина да го организира Средното техничко училиште.

Извори од училишниот одбор велат дека Општината сака да му наметне на директорот на училиштето тежок товар бидејќи тој е еден од ретките директори на училишта во Битола што не е опфатен со истрагата на СЈО. Истовремено, во техничкото училиште имало и вработен кој бил обучен како да распишува тендери.

Директорот на училиштето, Драган Стојановиќ, за „Мета“ потврди дека Општината ја почнала постапката за тендерот за бесплатниот школски превоз да го организира токму неговото училиште.

– Тоа е во тек. Јас ги чекам одлуките на наставничкиот и на училишниот одбор за да видам што ќе одлучат тие и ќе ги доставам до Општината. Сè ќе зависи од нивната одлука – вели Стојановиќ.

Тој, исто така, потврдува дека дел од училишните одбори во некои училишта веќе донеле одлука и се согласуваат бесплатниот школски превоз да го организира неговото училиште.

Вообичаено е распишувањето на тендерот за школскиот превоз да биде најмалку 50 дена пред почетокот на учебната година бидејќи сега без превоз може да настанат големи проблеми во наставата, односно децата од пооодалечените места да одбиваат да доаѓаат или, пак, тоа да го користат како изговор за нередовност на часовите.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e