Пристигнува првата пратка вакцини против КОВИД-19 од рускиот производител Спутник В

Во земјава денеска со специјален транспорт преку компанијата „ДХЛ“ треба да стигне првата пратка вакцини против КОВИД-19, кои Министерството за здравство ги купи од рускиот производител „Спутник В“. Вакцините ќе ги пречекаат министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин на меѓународниот аеродром во Скопје.

Вакцините, кои се наменети за три илјади граѓани, се во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите. -Ова е вакцина која што за разлика од Фајзеровата се чува на температура од – 18 до -20 степени, за што нашата инфраструктура е спремна. По преземањето ќе се смести во нашите фрижидери, ќе се организира процесот на вакцинацијата во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје, изјави министерот Филипче.

Од кинеската вакцина се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште нема потврда кога. Од „Спутник V“ се очекуваат 200.000 дози или со оние од „Астра Зенека“ вкупно 2.200.000 вакцини треба да стигнат во земјава. Вакцинацијата веројатно ќе почне в среда, најави министерот Филипче.

Во земјава бројот на пациенти заразени со КОВИД-19 и натаму е во пораст. Во изминатото деноноќие се направени 3.701 тестирања, а регистрирани се 722 нови случаи со КОВИД-19. Зголемен број на пациенти има во Скопје, Прилеп, Кавадарци, Гевгелија, Битола…Оздравени се 186 лица, од кои 50 се во Скопје. Починати се девет лица, сите во болнички услови.

Досега во државата се направени вкупно 540.725 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 106.832, бројката на оздравени пациенти е 94.461, на починати е 3.185, а бројот на активни случаи изнесува 9.186.

Од Министерството за здравство информираат дека има слободни болнички кревети, а сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
Надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од КОВИД-19, велат дека ја следат состојбата и засега нема.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e