Преткривична пријава за штипската фирма „Коле Транс“, дали градоначалникот Захариев е главната цел?

Поради основано сомнение за сторено кривично дело бесправна експлоатација на минерални суровини – песок, Основното јавно обвинителство во Штип покрена преткривична постапка против штипската фирма „Коле транс“.

Според основниот јавен обвинител Ристе Бојаџиев, обвинителство дало налог на штипската полиција да го истражува случајот. На нашето барање да даде повеќе информации во врска со овој случај за кој подолго време се говори во штипската јавност, обвинителот Бојаџиев ни рече дека тоа било сé што во овој момент тој од името на функцијата која ја обавува можел да го каже за јавноста.

И додека штипската јавност со нестрпливост чека да ја виде разврската на случајот, во градот под Исарот е познат фактот дека токму фирмата „Коле транс“, во времето на градоначалникот Илчо Захариев, се етаблира како фирма која извршува најмногу работи за сметка на општината во изминатите 3,5 години. Оваа фирма, по договор со градоначалникот, обезбедува(ла) песок и друг градежен материјал, изведувала работи на асфалтирањето на улици низ градот и селата (лакирање на улиците, како што милуваат да кажат штипјани), и извршувала повеќе други работи од областа на градежништвото. Многупати се слушнати информации дека песок бил ваден без претходно да се обезбеди концесија за локалитетот на кој се работи, а во последниот случај имало укажувања дека високи профити се извлекувани и од вадење песок на локалитет кој на археолошката карта бил означен како зона на која не можат да се изведуваат никакви работи без претходна согласност на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип. Заради документирање на случајот полицијата од „Коле транс“ ги одзела службените компјутери.

Во однос на овој пикантен случај, во Штип се говори дека ќе допре и до градоначалникот Захариев како наредбодател на незаконските дејанија. Во градот протекоа информации и за тоа дека Игно Иванов, директор на фирмата „Стипион“ , јавно претпријатие кое во името на општината стои како нарачател на поголемиот дел градежни зафати во Штип и општината, во однос на овој случај двапати бил повикуван на распит во полицијата и дека полицијата го одзела службениот компјутер и на градоначалникот Захариев. Во овој случај, според упатените, се работи за работи запечатени со милионски суми, секако во евра.

„И ние ги слушаме таквите информации низ градот, но кажавме дека нема да коментираме се додека надлежните институции одговорно не си ја завршат работата во однос на овој случај“, изјави Владимир Милошев, претседател на Општинската организација на СДСМ во Штип.

Макфакс

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e