Премиерот Заев од Пробиштип: Убеден сум, нашиот државотворен народ и овојпат ќе донесе мудра одлука ЗА иднината

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа присуствуваше и се обрати на трибина во Пробиштип, како дел од кампањата за референдумот на коалицијата Заедно ЗА европска Македонија.

Во своето обраќање пред граѓаните на Пробиштип, премиерот Заев зборуваше за значањето на референдумот, придобивките од членството во НАТО и ЕУ, акцентирајќи ја одговорноста на сите во овие историски моменти за државата, граѓаните и иднината.
Одлука мора да ја донесеме сите заедно, затоа што се работи за нашата заедничка татковина, за нашата заедничка иднина, рече Заев.

„Уживаме во честа штои се падна на оваа генерација, конечно Македонија да ја ставиме на шини и да киниса веќе еднаш. Затоа ова е историско време. Овде сме обединети сите. Пред се независни интелектуалци, зад ова движење стојат стопански комори, спортисти, синдикати, стојат деловните единици во Македонија, поради тоа што отвораат големи пазари. Граѓанските здруженија исто така се вклучија, политички субјекти, освен неколку, затоа што ова е прашање за кое вреди да се обединиме“, рече премиерот Заев во Пробиштип.
„Нашата одлука на 30 септември секако ќе влијае на нашата иднина. Затоа можеме да избереме да бидеме горди, среќни и достоинствени и да ставиме тула во изградбата на иднината на Македонија“, рече во своето обраќање премиерот Заев.
Заев ја нагласи големата поддршка што Македонија ја има од своите пријатели во светот, манифестирана и преку бројните посети на странски државници и високи дипломатски претставници од Европската Унија, кои како што рече тој се доказ за подадената рака и отворените врати за членство во ЕУ и НАТО.

„Сите доаѓаат да ја поддржат Македонија. Никогаш поголема поддршка немала Македонија. Канцеларката Меркел на пример, на денот на независноста, дојде овде да ни го честита денот на независноста и да ни даде поддршка“, истакна тој во своето обраќање.
Премиерот Заев ги повика граѓаните да излезат на престојниот референдум, уверен во исправноста на одлуката што ќе ја донесат.

„Ние сме државотворен народ. Нашиот народ секојпат носел правилни одлуки. И овојпат ќе донесе мудра одлука. Нема друга алтернатива. Не постои друга шанса, не постои друга опција не постои план Б за Македонија. На 30 септември гордо да излеземе, да гласаме на референдумот, и да одлучиме за иднината на своите деца и својата Република Македонија“ рече премиерот Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e