Премиерот Заев од Прилеп: Исправени сме пред историски избор, оваа генерација храбро и одлучно да ја осигура иднината

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на заедничката прослава во организација на општините Прилеп и Куманово на големиот државен празник 11 Октомври, Денот на народното востание којашто се одржа во централното градско подрачје во Прилеп. Во рамки на оваа прослава премиерот Заев имаше свое обраќање во кое истакна:

Пред 77 години, нашите сограѓани во Прилеп и Куманово, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во Македонија, против фашистичкиот окупатор.

Со овој голем историски чин започна и впишувањето македонската држава на мапата на народите на светот.

Храбрите, слободољубиви државотворци, тогаш направија избор. Се кренаа на крилјата на идејата, на мислата, на стремежот. Го кренаа гласот – Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло.

Тоа е избор што ги стави на вистинската страна на историјата. Нашите борци, нашата Република Македонија која се роди во виорот на војната, станаа дел од светскиот победнички сојуз.

Презедоа одговорност.

Избраа да изградат држава – светилиште на слободата, дури и по цена на нивните животи. Слободата ја ставија на пиедесталот на новата држава, како подарок и како завет за сите идни генерации – таа слобода никогаш да не ја изгубат и да не ја доведат во прашање.

Во сите изминати 77 години тоа беше завет за секоја следна генерација. Тој завет не смееме да го прекршиме.

Почитувани сограѓани, борци и соборци, вљубеници во слободата,

Нашата држава се роди во бурни, преломни времиња на светската историска сцена, како резултат на народната ослободителна борба и антифашистичко востание.

dsc_7531

Раѓањето на македонската држава е резултат и на личната одлука на секој маж и секоја жена, на сите учесници во Народно ослободителната војна. Секој од нив одделно препозна дека е време за избор. Време да се биде дел од историјата што ќе се памети, што ќе биде инспирација и ќе се слави.

Таа генерација наши претходници ја грабна таа историска шанса за да го остварат вековниот сон – своја држава, држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани – Република Македонија.

Ние денеска им оддаваме должна почит на тие храбри, државотворни луѓе, кои им дарија држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат, а на светот, во светската културна ризница, му ги подарија безвременските скапоцености на нашата културна историја и традиција.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Празнувањето на значајните датуми и празници од нашата историја, не треба да бидат само формалност и протокол.

Ако се сведат само на тоа, таквото одбележување би било неправда и навреда за творците на нашата државност. Празниците се добри моменти кога секоја генерација што ги слави и прославува треба да се запраша:

Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани?

dsc_7672

Секоја генерација е должна да ги проширува видиците. Секој граѓанин на нашата држава. И да реагира тогаш кога некој го блокира, го оневозможува развојот.

Оваа должност и одговорност најмногу им припаѓа на политичките лидери, на народните избраници.

Нашите претходни генерации, оние што ја извојуваа и што ни ја подарија државноста и слободата да живееме во неа, не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето.

Македонија беше создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани. Македонија на сите и за сите.

Должни сме на сите наши деца, на нашите идни генерации да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот – Република Македонија.

Должни сме да преземеме одговорност за Република Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие.

И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историски избор. Оваа генерација треба одлучно и храбро, и да го направи исчекорот за остварување на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја: Егзистенција за секого. Европски животен стандард. Осигурани граници. Безбедност. Стабилност. Признаен идентитет. Сето ова преку членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија.

Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Но, патриотизмот не завршува тука.

Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го почитуваат само ако им дадеме повеќе причини за тоа.

Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца. Tука да создадеме можности за нашите синови и ќерки – во Македонија. Тоа e патриотизам.

Патриотски е да се осигураме дека нашата следната генерација има иднина тука, дома!

Само така ќе имаме причина да веруваме дека на нашите идни генерации ќе им дадеме причини да слават, како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните и партизанките од антифашистичката и народноослободителната борба.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ