Познато кога ќе се исплаќа финансиската помош од Владата за граѓаните

Најавената финансиска помош од 3.000 денари за ранливите категории граѓани е планирано да почне од ноември.

Истото важи и за помошта која се најави за пензионерите, во вредност од 1 500 денари месечно. Димитар Ковачевски, кој  гостуваше во ТВ 24, истакна дека ќе се подготвува нов закон кој ќе треба да помине и во Собранието, за да почне примената на најавените антикризни мерки.

„На Влада донесовме одлука да се подготви закон за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани во време на криза. Намерата е од ноември да почнат исплатите на финансиските средства за овие категории на граѓани, 41 878 од ранливите категории и на 130 000 од категоријата на пензионерите. Се опфаќа поширок спектар на граѓани. Од ноември е планот да почне. Јас се надевам дека политичките партии и сите пратеници во Собранието ќе бидат на висина на својата задача и дека веднаш, штом ќе биде во текот на оваа недела доставено законското решение, ќе влезе во собраниска процедура и ќе биде одобрено“, истакна Ковачевски.

Во однос на предлогот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ; Христија Мицкоски, за организирање викенд без ДДВ, Ковачевски рече дека тоа не е предлог на опозицијата, туку на владиниот коалициски партнер ЛДП. Додаде дека во претходниот таков викенд за време на ковид-пандемијата, повеќе се купувало техничка опрема отколку храна. Меѓутоа, нагласи тој, ако анализите покажат дека таква мерка е потребна, повторно ќе се воведе.

„Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е постар предлог на ЛДП. Треба да се видат ефектите и Министерството за економија ги прави тие анализи. Еднаш знаете дека имаше таков викенд. Ги разгледувавме ефектите што било купувано во тој викенд, излезе дека била купувана повеќе техничка опрема од храна, но ако треба да направиме ефекти во делот на техничка опрема, зошто да не го повториме уште еднаш“, заклучи Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e