Потресни сведоштва за случајот кај Ласкарци

Денеска продолжи судскиот процес за несреќата кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени. Во Кривичниот суд денеска беа сослушувани сведоците  и оштетените за сообраќајната несреќа

Жителот од селото Ласкарци, Музафер Зибери, кој прв дошол на местото на автобуската несреќа во сведочењето изјави дека никогаш до сега не видол потажна и пострашна слика.

Јас пострашна и потажна слика во животот не сум видел. Живеам на 100 метри од несреќата и одма дојдов со кола кај превртениот автобус. Едно момче самото повикуваше помош преку мобилниот телефон: ’Тато дојди да ми помогнеш!‘. А нозете му беа под автобусот. Имаше многу мртви и заглавени под автобусот што не можеме да ги извадиме, изјави Зибери.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци се обвинети шест лица. Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

На денешното рочиште беше сослушана уште една повредена патничка, како и други пет сведоци, меѓу кои и очевидци на настанот.

Во случајот се обвинети сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e