Полицијата на Јанкуловска ги местела доказите во случајот “Монструм”?

Колата за која што се тврди дека била вечерта кај Смилковското езеро не постои и како одбрана се сомневаме дека полицијата ги фингирала тие докази, изјави адвокатот Насер Рауфи по завршувањето на денешното рочиште за случајот „Монструм“ на кој искази дадоа двајца од тројцата присутни сведоци во судската сала.

„Иако изгледаше дека сведоците не ја зборуваат вистината и дека беа уплашени сепак тоа не е така. Немаше спротивставени искази. Тие само не можеа да се присетат на се’ што кажале во истрагата која се водеше пред шест години. За разлика од претходно кога Јавното обвинителство приговараше на речи си сите наши прашања а судот ги одбиваше, сега Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е за пофалба затоа што оди во детали и нема некои особени реакции. Тоа е добро затоа што и ние сакаме да се расчистат работите и да се дознае вистината“, рече Рауфи прашан зошто двајца од сведоците денеска даваа контрадикторни одговори на прашањата на судот и на оние на СЈО.

Рауфи уште кажа дека на сведоците, одма следниот ден по убиството на петтемина кај Смилковското езеро, полицијата им покажала слики на луѓе за кои ги прашувале дали се тоа истите ликови кои ги виделе наместото на настанот.

„Мислам дека полицијата уште од старт беше одлучила кои луѓе од тие слики ќе ги апси. Тоа е сосема невообичаено“, рече Рауфи.

Иако кажа дека се’ што претходно рекол е вистина, првиот сведок Ахмет Беќир, денеска неколкупати се пожали дека е стар човек и дека не може да се сети што точно се случувало на 12 април 2012 година. Тој беше предупреден и од судијата Огнен Ставрев и од специјалната обвинителка Фатиме Фетаи дека е должен да ја зборува вистината.

Фетаи  го праша сведокот Беќир што е точно – дали тоа што го зборувал пред истражниот судија во 2012 година или тоа што го зборуваше денеска во судница. Така тој се присети дека на 12 април 2012 година видел човек со автоматска пушка кој нему и на тројцата другари со кои ловел риби им ја опцул мајката и им се заканил дека ќе ги убие ако не се тргнат од местото. Исто така, Беќир  денеска кажа дека тој и тројцата негови другари дента на 12 април 2012 отишле на Смилковското езеро меѓу девет и десет часот наутро, но пред истражниот судија пред шест години кажал дека отишле да ловат риби околу 16 часот.

Контрадикторен беше и исказот на Беќир дека не може да се сети како изгледал човекот што им се заканувал дека ќе ги убие.

„Не знам каков беше не го видов беше темница. Но можеби беше со среден раст. Во раката држеше автоматска пушка. Знам дека беше автоматска затоа што сум бил во војска. Не знам дали зборуваше на чист македонски јазик или пак на некој дијалект. Не се сеќавам дали тогаш слушнав два истрели, како што сум кажал пред шест години. Мислам дека слушнав само еден истрел“, сведочеше Беќир.

По едночасовно испрашување на Беќир му се слоши по што се струполи на земја и со возило на Брза помош беше однесен во болница.

Кемал Несим пак остана на првичното сведочење дадено во истрагата дека на критичниот ден биле на Смилковското езеро, каде често оделе да рибарат, и пред судот објасни дека човекот што им се заканувал зборувал на чист македонски јазик.

„Носеше темна облека. Зборуваше на чист македонски јазик и ни рече „стој-полиција“. Поради тоа помислив дека можеби човекот е облечен во полициска униформа. На местото имаше и возило во темна боја во која имаше некој човек. Не можев да го видам бидејќи возилото беше свртено со фаровите кон нас. Случајот не го пријавив затоа што кога стигнав дома веднаш на вести слушнав што се случило. Кога го дадов исказот пред истражниот судија веднаш го потпишав записникот. Не видов што точно сум потпишал“, рече Несим.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски како и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се’ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Следното рочиште е закажано за 25 јуни на кое ќе продолжи распитот на сведоците.

Извор: Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e