Петровска: Од службената белешка на вработениот се гледа дека Мицкоски сакал да влијае на случајот „Теретана“, ќе побарам декласификација

Дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска во интервју за „360 Степени“ зборуваше за случајот со објавените снимки од Мицкоски направени во скопска теретана.

„Би сакала, со оглед на тоа што Мицкоски постојано ги менува изјавите во однос на овој случај, да ја прифати мојата покана и на една дебата да му ги одговарам сите прашања кои ги има, вклучително и тоа дали сум госпоѓа или госпоѓица, но пред се, во интерес на јавноста, да ги одговориме прашањата поврзани со случајот Теретана“, вели Петровска.

Таа вели дека е добро што Мицкоски потврдува дека имало телефонски разговор со вработен во МВР.

„Која е потребата на претседател на политичка партија да се јави кај било кој вработен којшто води некаква истрага во МВР и да сугерира или да се повикува на било што за истрагата“, вели Петровска.

Таа вели дека намерата со јавувањето е за правење притисок врз вработените, нешто што во демократска држава е недозволиво.

Запрашана врз основа на што го темели ваквото тврдење, Петровска вели дека се работи за службена белешка која до неа и до Чулев била доставена на 29 април.

„Службената белешка е подготвена од вработениот со кој бил извршен телефонскиот разговор а пропратниот акт е потпишан од помошникот и од дополнителниот помошник на министерот на Одделот за внатрешна контрола“, вели Петровска.

Таа вели дека од содржината на белешката заклучува дека Мицкоски се обидел да изврши влијание.

„Бидејќи службената белешка е доверлива, ќе побарам декласификација, бидејќи очигледно е дека Мицкоски не се сеќава што разговарал, а јас немам снимени разговори, тоа беше пракса на едно друго раководство на МВР, ќе побарам како што е процедурата, оваа белешка да биде декласифицирана, и на тој начин ќе биде презентирана“, вели Петровска.

Во однос на барањето на Мицкоски да се објави разговорот, Петровска вели дека одговорно тврди дека ниту една институција нема нелегално следење на комуникациите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e