Грција е прогласена за најубава земја во светот за 2026 година според рангирањето на World Population Review, оставајќи ги зад себе Нов Зеланд, Италија, Шпанија и Швајцарија.
Рангирањето е направено со комбинирање на оценки од повеќе туристички и медиумски извори, меѓу кои Condé Nast Traveler, Travel + Leisure, Rough Guides, Ranker и U.S. News. Не станува збор за официјална светска титула, туку за анализа на повеќе туристички листи.
Во образложението се наведува дека Грција се издвојува со уникатна комбинација од природни убавини и културно наследство – од островите и тиркизното Егејско Море, до античките локалитети како Партенон и Делфи, како и манастирите Метеора.
Во топ 10 најубави земји за 2026 година се најдоа и Нов Зеланд, Италија, Шпанија, Швајцарија, Тајланд, Австралија, Португалија, Јапонија и Костарика.
Грција со години останува една од најпопуларните туристички дестинации во Европа, благодарение на своите острови, плажи, историја и медитеранскиот начин на живот.
