Пендаровски: Со укинувањето на Законот за јазици ќе се заострат односите со Албанците

Притисок е ако по телефон нарачувам пресуда, лустрација, покренување на обвинение, како што за жал се случувало во минатото, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Националниот сервис.

„Притисок е ако судиите потпишуваат одлука која не е нивна. Јас само велам, вршете си ја својата работа. Да објавите соопштение дека одите на годишен одмор кога имате мега афера, а да не оставите двајца-тројца обвинители, тоа не е мешање во работата. Јас не им велам јас ќе ја работам вашата работа“, рече Пендаровски.

Претседателот се осврна и кон Законот за јазици, за кој вели дека и Венецијанската комисија рекла дека треба да се прилагоди кон ресурсите кои државата ги има во моментот.

Според него, политички е легитимно ако опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски добие 80 гласа и бадентер да го смени Уставот, но постави и прашање ако се поништат договорите со Грција и Бугарија, треба да се види какви ќе бидат последиците.

„Со укинување на Законот за јазици, ќе ги заострите односите со Албанците. А со поништување на договорите, во истата секунда ќе добиете блокада од Европската Унија, тоа се огромни политички последици“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека будалаштини се барањата гаранции, како што експретседателот Ѓорге Иванов побара од премиерот Зоран Заев.

„Немаш право тоа како претседател, ти мораш да го дадеш мандатот на оној кој има 61 пратеник. Немам намера тоа да го правам“, истакна Пендаровски.

Претседателот вели дека чека да ја види финалната содржина на документот што би значел реформа на преговарачката методологија во Европската Унија и додава дека не е сигурен дека до крајот на јануари би се усвоила методологијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e