Пендаровски: Пред нас стои огромна работа, поделбите се уште се длабоки

Неспорен почетен капитал беше признавањето на изборниот резултат по претседателските избори од страна на опозицијата, за прв пат од независноста до денес. Граѓаните ќе ценат колку тоа во првите седум месеци од мојот мандат успеав да останам неутрален во однос на различните центри на политичка и економска моќ, меѓутоа мојата главна политичка цел беше и останува да бидам независен, претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето пред пратениците.

„Пред мене, но и пред сите нас стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години, се уште се длабоки. Ако порано и денес тоа одеше по етничка припадност, последната деценија поделбите и меѓу Макеонците драматично се продлабочија. Не зборувам за политичките разлики кои легитимно постојат во секоја демократија, туку за непотребното трошење на енергијата и потенцијалот на општеството кои мораат да бидат обединети околу некои стратешки важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус. На моја иницијатива, вчера одржавме средба со лидерите на најголемите верски заедници на која што ги замолив секој во рамките на своите надлежности да делува во насока на продуктивна коегзистенција меѓу верниците и меѓусебното почитување во едно мулти религиско и мултикултурно општество какво што е нашето“, истакна претседателот.

Пендаровски се осврна и на средба со лидерите на парламентарните партии која се одржа по неповолниот исход на последниот европски самит, а која е прва од таков вид, без посредување од меѓународната заедница.

„Средбата покажа дека поседуваме доволен домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. Впрочем, наспроти сите политички разлики меѓу власта и опозицијата, кога беше најважно, со широк консензус беа донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата во безбедносниот систем. До крајот на годината, за прв пат во кабинетот на еден претседател ќе организираме серија средби на навивачките групи во кои се активни млади со различна етничка припадност и на кои средби, на моја покана, ќе бидат присутни и учесници и сведови од конфликтот во 2001 година кои тогаш беа на различни страни“, истакна Пендаровски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e