Пендаровски: Поминаа 14 години како што сме во чекалната на Европската Унија

Само перспективата за интеграција во Европската унија ќе го спречат враќањето на авторитарните режими на Балканот, смета претседателот Стево Пендаровски, кој во интервју за парискиот весник „Ла Кроа“ кажа дека Македонија веќе 14 години е во  чекалната на Европската Унија.

„ И во последните десет години, Европската комисија сериозно препорачува започнување на преговори за членство со нашата земја, бидејќи таа ги исполнува сите предуслови. Освен што прво моравме да го решиме историскиот спор околу името на нашата земја за надминување на ветото на Грција. Тоа успеавме да го сториме со Договорот од Преспа од јуни 2018 година. И ЕУ повторно ни рече „не“? Ништо не ја оправдува оваа одлука, која е истовремена многу непријатна и многу шокантна. Таа исто така беше многу критикувана“, нагласува Пендаровски.

На прашањето на „Ла Кроа“ како реагирале Македонците на ваквата одлука на лидерите на ЕУ, Пендаровски одговара дека „евидентно реакцијата беше многу негативна“.

„Многумина сметаат дека Брисел се подбива со малите земји на Балканот, со тоа што испрати „не“ како награда, откако ја направивме оваа многу тешка одлука за промена на името на нашата земја. Во тоа време, помалку од половина од Македонците ја прифатија оваа промена, додава шефот на државата.

Сепак, она што е многу охрабрувачко, според Пендаровски, е тоа што 85 отсто од жителите на земјата остануваат определени за членството во ЕУ, истакнувајќи дека не знае колку  долго ќе трае овој ентузијазам ако ЕУ опстојува во нејзиното одложување.

„Ние не бараме сега да станеме членки, само бараме да ги почнеме преговорите. Знаеме дека овој процес ќе трае многу години. Ништо не спречува паралелно да се спроведат двата пристапи и реформата и проширувањето“, додава Пендаровски.

Тој посочува дека Макрон ми порачал дека се надева оти реформата на методологијата на пристапните преговори ќе биде усвоена од страна на членките на ЕУ следната пролет.

„Тоа значи дека новата одлука за Северна Македонија би можела да биде донесена во првата половина на 2020 година, за време на претседавањето на Хрватска со ЕУ“, вели претседателот Пендаровски.

Запрашан директно дали Макрон јасно се обврзал да каже „да“ за почеток на преговорите, Пендаровски одговара: „Не, но сакаме да веруваме дека тој ќе рече да“.

„Тој прифати многу од моите аргументи и призна дека Северна Македонија ги исполнува сите критериуми за започнување преговори, за разлика од Албанија, за која вели дека има сомнежи“, вели Пендаровски.

Запрашан за целта на состанокот организиран од нашата земја, со Србија и Албанија, на 10 ноември, Пендаровски одговори дека овие земји „сакаат да создадат еден вид „Мал Шенген“ на Балканот со укинување на царинските бариери и слободно движење на стоки и луѓе.

„Намерата не е тоа да биде алтернатива на членството во ЕУ“, нагласува Пендаровски.

Тој потенцира дека последниве месеци загриженост предизвикала идејата за решавање на спорот меѓу Косово и Србија преку промена на границите.

„Со менување на границите на Балканот се презема огромен ризик од домино ефект во Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Нестабилноста ги уништува сите напори преземени уште пред триесет години на Балканот“, предупредува претседателот Пендаровски во интервјуто за париски „Ла Кроа“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e