Основачите и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ против Мицкоски

Основачи и први луѓе на партијата ВМРО-ДПМНЕ со писмо објавија дека се за референдумот на 30 септември. Љупчо Георгиевски, првиот претседател, Гојко Јаковлевски кој е основач, Љубе Бошкоски, Горан Рафајловски, Љупчо Балковски, Ѓулистана Марковска и други имиња кои ја одбележаа историјата на партијата пишаа дека следејќи ја политичката состојба во земјата наспроти народното изјаснување на референдумот за зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на договорот со Грција биле свесни за историската важност на крстопатот пред кој е исправена земјата.

„Да внимаваме да не направиме грешка ние самите! Да се потсетиме која беше целта, идеалот што ги водеше нашите херои-саможртви низ историјата. Кој е аманетот што ни го оставија? Слободна, рамноправна и признаена од сите држава Македонија! Затоа се гордееме што се изборивме да ни бидат понудени и европска и евроатлантска интеграција како на кредибилен партнер и сојузник. Тоа беше нашиот сон, кога во утрото на независна Република Македонија се деклариравме за зачленување во НАТО и во ЕУ, сметајќи дека тие интеграции ги гарантираат опстојувањето и просперитетот на државата Македонија“, велат потписиниците.

Споре нив договорите со Бугарија и со Грција за Македонија значат нејзина промоција во рамноправна сосетка и членка на НАТО и ЕУ, со регионално и меѓународно признаен македонски идентитет и јазик.

„Со тие договори Македонија од предмет на манипулација, од монета за поткусурување, се издигнува вo промотор на врвни европски вредности. Меѓународни експерти и политичари ги истакнуваат како пример за решавање спорови меѓу држави.

Учеството и чинот на нашето изјаснување по прашањето „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот со Грција“ на претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година, го сметаме за директно и природно продолжение на првиот референдум од 8 септември 1991 година, кога се изјаснивме за независна држава. Со тоа се довршува конечното меѓународно етаблирање на нашата татковина, Република Македонија“, стои во посимото.

Потписници се Љубчо Георгиевски, основач, прв претседател на партијата и поранешен премиер на Владата на РМ, Гојко Јаковлевски, основач, проф. Димитар Димитров, поранешен потпретседател на партијата, министер и амбасадор, д-р Марија Јорданова, прва претседателка на Унијата на жените, Љубе Бошкоски, поранешен министер, проф. Горан Рафајловски, поранешен амбасадор на РМ во Германија, инж. Љупчо Балковски, поранешен министер, д-р Ѓулистана Марковска, пратеничка во првиот состав на Собранието на РМ, д-р Ден Дончев, поранешен генерален секретар на партијата, проф. Васил Гаџовски, поранешен пратеник, Борче Сибиновски, поранешен пратеник, инж. Александар Талески, поранешен пратеник, Ристо Јованов, пратеник во првиот состав на Собранието, инж. Горан Зафировски, пратеник во првиот состав, Благоја Чкатровски, пратеник во првиот состав на Собранието на РМ, Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување на перењето пари, Панте Јангелов, поранешен потпретседател на ОК Виница, Перо Гацов, поранешен член на ОК Кочани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ