Османи – Ескобар: Потребен е заеднички глобален повик до Русија за прекин на воените активности

Руската инвазија врз Украина беше главна тема на телефонскиот разговор на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со американскиот заменик помошник државен секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Како што соопшти МНР, министерот Османи ја реафирмираше позицијата на земјава за остра осуда на воената интервенција, упатувајќи притоа и повик за прекин на воените дејствија и повлекување на руските воени сили. Османи, се додава во соопштението, ја реафирмираше и нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а беше поздравена и воената и хуманитарната помош што земјава ја обезбедува како израз на солидарност и поддршка за украинскиот народ.

– Во рамки на разговорот, беше поздравена светската осуда на воената инвазија, при што беше забележано дека недостасува соодветна реакција од страна на НР Кина со јасна осуда за руската агресија. Во таа смисла, беше истакната потребата од заеднички глобален повик до Русија за прекин на воените активности што претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност, се наведува во соопштението.

Министерот Османи упати благодарност до САД за континуираната поддршка за стратешките цели на Северна Македонија, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан и ја нагласи потребата за зајакнато американско присуство во нашиот регион како силна гаранција за регионалната и европската безбедност.

Соговорниците ги поздравија билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија базирани на стратешко партнерство и традиционално пријателство и изразија заемна готовност за нивно понатамошно надградување во периодот што следи, наведуваат од МНР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e