Имав среќа, заминав 30-тина минути пред немилиот настан бев на местото на случувањето, но, за среќа го напуштив навремено.
Информациите велат дека 29-мина се повредени при силната експлозија во квартот Челзи на Менхетен во Њујорк, САД, синоќа, околу 20:30 часот.
Експлозијата (разнесена во уличен контејнер за ѓубре) се случила на западната страна на 23-та улица, пред петкатна зграда за слепи луѓе, помеѓу 6-та и 7-та авенија, во реон кој е познат по ноќен живот – барови и ресторани, особено полн со луѓе во сабота навечер. Последните истражувања посочуваат дека експлозијата потекнува од кутија со алати, фрлена до контејнерот.
Линиите на градскиот сообраќајот на и под улиците во реонот не сообраќаат.
24 лица се хоспитализирани од 29, и мал дел од нив се здобиле со потешки телесни повреди, меѓу кои и 8-годишно дете, кое се возило во автомобил во моментот на експлозијата. Само еден е со тешки телесни повреди, но, никој од дваесетидеветмината не е во животозагрозувачка состојба.
Околу 23:10 часот пронајдена е уште една (втора) специфична и сомнителна направа (експрес лонец, поврзано со жици за мобилен телефон) на 27-та улица (4 блока погоре, помеѓу истите две авении), која се испитува од њујоршката полиција.
Луѓето од блоковите се пуштени да се вратат назад во своите домови, додека противпожарните единици ја проценуваат штетата која е причинета врз околните возила и објекти.
Исто така, вчера утрината околу 9:30 часот, на тротоар до паркот Сисајд во сојузната држава Њу Џерси (спроти Њујорк), пред почетокот на добротворна трка на 5км за маринци, експлодирана е и една цевковидна бомба во пластична канта за ѓубре, но, нема повредени, а трката беше откажана.
ФБИ и Бирото за Федерална Безбедност на САД исто така се вклучени во истражување на поврзаноста на настаните, за што засега не постојат докази.
Градоначалникот на градот Њујорк, Бил де Бласио изјави дека експлозијата е чин со умисла, но, не е терористички акт. Новиот комесар на њујоршката полиција Џејмс О’Нил (кој стапи на функција во петокот), изјави дека нема никаква закана од тероризам врз Њујорк, но, се преземаат засилени мерки за безбедност, со оглед на тоа дека за време на 71-та седница на Генералното Собрание на ООН (која почнува во вторник) ќе пристигнат претседатели на држави (меѓу кои и Претседателот на САД, Барак Обама, но и македонскиот Претседател, Ѓорге Иванов), премиери и министри за надворешни работи од сите 193 земји-членки на ООН.
Извор: 24 Вести