Неделна анализа: Неизвесноста продолжува – Груевски или Заев ќе ја формира идната македонска влада!?

За една недела истекува уставниот рок за формирање влада. Но, во последниот период на македонската политичка сцена, се чини, улогата на мандатар ја презеде лидерот на ДУИ, Али Ахмети, наместо лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски којшто го доби мандатот од претседателот Ѓорге Иванов. Минатата недела Ахмети, покрај редовните преговори со Груевски, ја оствари и првата средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Ова секако ја зголемува неизвесноста околу успехот на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ (којашто ја доби довербата да преговара, во име на потписниците на Платформата – ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците).

Преговорите на релација ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ главно ротираат околу две прашања: продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и двојазичноста. Според информациите коишто преку соопштенија ѝ се пласираат на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ е категорично против, а за ДУИ ова се две круцијални барања од Платформата. Но, по средбите и советувањата на Ахмети, со претставници на дипломатскиот кор во Македонија, тој на својата политичка агенда го стави СДСМ. По средбата Заев-Ахмети, СДСМ соопшти дека само се дефинирани позициите на партиите, но најави и нови средби.

Премиерот и министрите-пратеници го прекршуваат Уставот!

На премиерот Емил Димитриев, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за здравство Никола Тодоров и министерката за култура, Елизабета Канческа Милеска треба да им се одземат пратеничките мандати и тие треба кривично да одговараат! Според правните експерти, сите четворица го прекршуваат Уставот и законот, од денот кога им е верификуван манадатот на првата конститутивна седница на Собранието.

Неизвесноста околу формирањето нова влада продуцираше и гласишта, дека претседателот Ѓорге Иванов ќе поднесе оставка, доколку се безуспешни обидите на Груевски да состави влада. Од кабинетот на Иванов одговор – нема, но експертите истакнуваат дека ни ваков евентуален чекор на Иванов нема да биде законска пречка за формирање влада, бидејќи одлуката за предавање на мандатот на друг мандатар ќе ја донесе новото Собрание.

„Десоросоизацијата“ е новата алатка на ВМРО-ДПМНЕ

Наместо делумно реформирано, постизборно ВМРО-ДПМНЕ настапи со нова алатка – „десоросоизација“ на Македонија. Партискиот лидер и актуелен мандатар Груевски, којшто првпат ја промовираше „десоросоизацијата“ пред своите сопартијци пред ДИК, во време на  жестоките протести на ВМРО-ДПМНЕ, сега ја продолжи агендата.

Наспроти лавината реакции од граѓанското општество, како одговор на оваа одлука на Извршниот комитет, која е дел од партискиот Проглас, се формираше граѓанското движење „Стоп операција Сорос“ (СОС). За дел од граѓанското општество овие потези на ВМРО-ДПМНЕ се делумно во правец на дефокусирање на јавноста од актуелните случувања. Но, граѓанското движење СОС ја промовираше својата цел – „граѓанскиот сектор да се ослободи од неговото монополизирање од страна на Фондацијата Отворено општество во изминатите години“.

Случувањата во Македонија и рефлексиите кај соседите

Актуелните случувања во Македонија ги разбрануваа билатералните односи со соседите. По неодамнешните изјави на министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, кој Македонците ги нарече „Славомакедонци“, стигнаа остри тонови и од поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.

„Македонија треба да влезе во Европската унија, но не и македонизмот!“, порача Плевнелиев, оценувајќи го македонизмот, како антибугарска и антидемократска идеологија.

На патарините во Република Србија се појави референцата, наместо уставното име на Македонија. Ова следува по изјавата на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, дека Србија направила грешка што ја признала Македонија под уставното име.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл апелираше до лидерите на Балканот да преземат одговорност за стабилоста на регионот и да се фокусираат на европската интеграција. Пораките се упатени до Македонија,  Србија, Косово и до Босна и Херцеговина, но Вајгл не посочува личности и настани.

ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e