Наместо за денот на Македонската револуционерна борба, Мицкоски држеше говор за Заев и владата

На партиски собир во Прилеп за денот на Македонската револуционерна борба, во говор кој траеше половина час, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред сопартијците говореше за премиерот Зоран Заев, власта и изборите.

Тој повика на единствно за националните прашања и рече дека ВМРО-ДПМНЕ не била само партија, туку кодот на Македонецот. Според него, власта била онаа која ги поделила медиумите на провладини и опозициски.

„Заев паѓа затоа што го издаде и не го следи Гоце Делчев. Заев паѓа зошто го подели народот и донесе омраза. Медиумите се делат на провладини и опозициски. Заев паѓа затоа што приведува новинари кои се дрзнале да ги проверуваат неговите криминали, зошто смени идентитет без да го праша народот, зошто криминалот е голем и тоа од врвот на власта. Премиерот направи пакт и стана прв другар со криминалците. За три години власт, ништо не се смени на подобро, а она што го претставуваа како режим, а сите маани на нашата власт ги усовршија. Власта ќе посее лаги кон ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата. Тргнаа со лагата дека ВМРО-ДПМНЕ е против европските интеграции. Полна му е устата дека сме националисти, јас не би рекол националисти, туку родољуби патриоти, ние сме Македонци кои се горди што говорат македонски јазик, горди патриоти кои го бранат ликот и делото на Гоце Делчев, а од другата страна ќе ги имаат луѓето без кичма. Изборот ќе биде помеѓу чесноста и арамилукот. Верувам во мудроста на народот, коалицијата за обнова на Македонија ќе победи, огромна победа ќе биде тоа. Јас реков од оваа недела да има техничка влада, и после 100 дена избори, но Заев одби, зошто не сака техничка влада. Заев води онолку колку што Македонија блеска“, рече опозиционерот Мицкоски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ поминала низ сите премрежја и искушенија, но сега биле со кренати глави и порача дека ќе победат на изборите.

„Победуваме, а потоа ќе ги засукаме ракавите за нашата заедничка иднина. ВМРО-ДПМНЕ е кодот на Македонецот, организација која ги даде најдобрите синови и ќерки за Македонија, таа постојаност која донесе слобода, таа обнова која денес и треба повеќе од било кога на Македонија. Ни треба работа и постојаност. Ни треба работа за да одиме напред, без работа нема напредок. Опиеност, мрзеливост, комодитет не носат ништо, тоа им го оставаме на нашите политички опоненти, нас не не плаши работата, ние смело ја очекуваме таа работа“, рече Мицкоски.

Со набројување на имиња на граѓани од повеќе градови, кои според него му кажувале секојдневни проблеми, тој кажа дека граѓаните имале проблеми, но никој не ги слушал.

„ВМРО-ДПМНЕ ја запали машината и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесе победата, тоа е локомотивата која на брзи шини ќе ги донесе промените. Ќе покажеме и ќе докажеме како одговорно се владее и како се дава шанса на успехот. Кога сите не отпишаа, ние покажавме пркост“, рече Мицкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e