Со национална потерница се бара специјалецот Игор Спасов

Специјалецот Игор Спасов, кој е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски, од денеска се бара со потерница на територијата на Република Северна Македонија.

Портпаролот и судија во Основниот суд во Штип, Јулијана Неткова во изјава за МИА вели дека надлежните од МВР и СВР-Штип ги информирале оти Спасов од петокот до денеска не е најден на подрачјето на Општина Штип.

„Игор Спасов не е пронајден и е недостапен на органите на прогон. СВР- Штип го извести Судот дека тој е недостапен и е во бегство, поради што Судот веднаш издаде согласност за издавање на потерница за негово пронаоѓање на територијата на Република Северна Македонија“, вели Неткова за МИА.

Таа додаде дека доколку истражните органи не го пронајдат и на територија на државата, повторно се известува Судот, кој дава согласност за издавање на меѓународна потерница. Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на момчето Мартин Нешковски вечерта на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори. Казната затвор ја издржува од 2011 година, а во прекин му е од лани поради здравствени проблеми. Тој требаше да се јави во Затворот „Идризово“ на 18 октомври.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e