На „началникот“ му се носи храна во соба, Јанакиески и Божиновски во обични келии

Во соба од 28 квадратни метри во која има кревет, маса за јадење и тоалет, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков сега го поминува секојдневието во истражниот затвор во Шутка. Човекот кој се движеше опкружен со своите телохранители сега е во друштво со својот цимер во затворската ќелија. Во затворот го посетуваат неговите адвокати, а најблиските му испраќаат пакети.
По апсењето во хотелот „Мериот“, Мијалков беше однесен во обична ќелија во притворското одделение, но по еден ден беше преместен во „хашка соба“, простории кои за разлика од останатиот дел во затворот имаат попристојни услови. Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Ѓоко Котевски, вели дека Мијалков бил преместен во хашка соба бидејќи над десет години бил на висока полициска позиција во земјава.

„Лицето било функционер на високи позиции. И поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, беше сместен во хашка соба. Тие се ставаат во хашки ќелии бидејќи биле функционери на високи позиции во Управата за безбедност и контраразузнавање и на високи полициски функции, а внатре има криминалци што може завршиле во затвор во време на нивно функционирање. Целта е да се спречат некои несакани ситуации. Сметаме дека треба да биде поизолиран“, вели Котевски.

Според официјалните изјави на раководството, досега немало никакви поплаки од Мијалков. Храната му се носи во соба и не ја зема со другите затвореници. Во истото одделение со него, но во различна соба, е неговиот бизнис-партнер, најбогатиот Македонец, Орце Камчев, додека поранешните високи функционери кои беа заедно на врвот со Мијалков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, се сместени во обични ќелии.

Шесте хашките соби се градени според стандардите на ЕУ и условите во нив се далеку попристојни од останатите ќелии.

„Во ќелијата во која сега се наоѓа Мијалков престојувал и новинарот Зоран Божиновски. Тој вели дека собата Ѓ6, во која е сместен Мијалков, е последната соба од одделението кое го викаат хашко.

„На подот е поставен нов ламинат, креветите и душеците се нови. Во собата има два кревета и еден трет помошен, но тој не се користи. Има маса за јадење, столови нема, се седи на кревет кога се јаде. Има тоалет со ВЦ-шолја, има лавабо со чешма во собата. Има три нови прозорци ПВЦ со двојно стакло. Од прозорец се гледа управната зграда на затворот и влезниот двор и големата т.н. црна врата од која се влегува во затворот“, ни изјави Божиновски.

Адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски, пак, вчера поднел жалба на решението за притвор, но не беше достапен за изјава за да каже што напишал во жалбата.

Жалбата е поднесена до Апелацискиот суд, кој ќе ја достави на мислење до Специјалното јавно обвинителство, а потоа во судот доколку адвокатите инсистираат може да биде закажана и јавна седница.

На барање на Специјалното јавно обвинителство во вторникот, Кривичниот суд му определи притвор на Мијалков кој е обвинет во случајот „Тврдина – Таргет“, поврзан со масовното прислушување. Според сознанијата на Обвинителството, Мијалков се подготвувал да бега. Опасноста од бегство во решението за притвор е поткрепена со сознанијата на Управата за финансиско разузнавање дека обвинетиот располагал со две сметки на кои има 11 милиони евра.

Дополнително опасноста од бегство го зголемува и фактот што Мијалков е обвинет во повеќе предмети на Специјалното обвинителство, но и во последната истрагата поврзана со перење пари „Империја“.

Освен притворско одделение, во Шутка има и дел каде што се издржуваат затворски казни и таму требаше да биде сместен поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Будимпешта. Во затворскиот дел има над сто осуденици што издржуваат казна затвор до три години и повратници што се осудени на шест месеци затвор. Таму има и осуденици на повисоки затворски казни за потешки дела бидејќи таму се носат затвореници што издржале поголем дел од казната во затворот во Идризово или во други затвори во Македонија, па се префрлаат во затворот во Шутка на доиздржување на казната. Директорот на затворот во Шутка вели дека третманот во овој затвор е ист за сите, за никого нема да има ниту помалку ниту повеќе.

Извор: Независен

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e