МОН и СОНК утре со нова рунда преговори за платите, генерален штрајк останува како опција

Министерството за образование и наука (МОН) и Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) утре повторно ќе седнат за заедничка маса во обид за решавање на проблемите.

СОНК се заложува за покачување на платите на просветните работници за 25 отсто и се закани со генерален штрајк во основните и средните училишта доколку ресорното министерство се оглуши на барањето. Владата досега се бранеше со најавените пет отсто за оваа година и со ново зголемување на платите во 2020 година.

И двете страни, сепак, испорачаа оптимизам пред утрешниот состанок. Министерот Арбер Адеми истакна дека не сака да помислува на негативни сценарија и се надева оти ќе биде постигнат договор, а такво располежение преовладува и кај лидерот на СОНК, Јаким Неделковски што го темели на најавите на премиерот Заев за зголемување на пензиите и минималната плата.

Притоа нагласи дека опцијата за генерален штрајк останува, но не треба да биде сфатена како ултиматум бидејќи смета дека бараното покачување за 25 отсто им следува, согласно зголемувањето на минималната плата за истиот процент на национално ниво.

За потсетување, СОНК веќе одржа предупредувачки штрајк на 1 септември што беше причина за старт на новата учебна година со ден задоцнување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e