Министерот Фазлиу учествуваше на форумот на тема: “Jавните капитални инвестиции и регионалниот развој”

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и постојаната претставничка на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон, денеска во Скопје го отворија Форумот на тема: “Jавните капитални инвестиции и регионалниот развој”.

На Форумот говореа и заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески, Хералд Шенкер претставник на УНДП, а во расправата учествуваа градоначлници – претседатели на Советите на осумте плански региони, раководителите на Центрите за развој на планските региони, претставници од надлежните министерства, од здружението на јавните комунални претпријатија, од ЗЕЛС и од граѓанскиот сектор.

Наша цел е да создадеме услови сите граѓани да имаат пристап до воедначени јавни услуги на локално ниво, без разлика каде живеат. Во Програмата на Владата рамномерниот регионален развој е приоритет од аспект на системска, праведна и транспарентна распределба на средствата. Сеуште се големи развојните разлики меѓу Скопје и внатрешноста, меѓу поголемите урбани центри и руралните подрачја што директно се одразува не само на квалитетот туку и на обезбедувањето на основните јавни услуги, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

На Форумот беше презентирана анализата за ефектите од капиталните инвестиции на развојот на планските региони, подготвена од д-р Силвана Мојсовска, професор на Економскиот институт од Скопје. Со овој настан Министерството за локална самоуправа отвора  дебата за ефектите од имплементацијата на политиката за рамномерен регионален развој во функција на планирање на развојните цели и инструменти за наредниот стратешки период.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ