Министерот Цветков не е добредојден на Деновите на оризот, порачаа земјоделците

Земјоделците од целиот кочански регион кои произведуваат ориз заглавија во долгови и немаат пари да го платат жнеењето на овогодишната реколта. Затоа жетвата доцни, а и она што ќе го соберат не знаат што да го прават.

Тоа меѓу другото беше речено на прес-конференцијата што ја органзиираше Здружението на оризопроизводители “Бело злато“, при што побараа од министерот Цветков да интервенира за подобрување на состојбата со откупот и ниските откупни цени.

– Ве повикуваме да земете во ваши раце, откуп и цена да им дадете на 5000 земјоделци кои не ви бараат ни вработување, ни социјална помош, ни еднократна помош, туку ви бараат да им го вреднувате трудот и маката што ја вложиле во април за да ја инкасираат во октомври.

Како второ, го повикувам вашиот заменик Костадиновски, пред неполни 120 дена тој даде изјава токму во Облешево дека конечно со оризопроизводството е решена маката на земјоделците, дека е решена маката оти оризот добил заштитна цена од државата. Од сето тоа на терен ништо, само лажни ветувања и дебели лаги, рече Зоран Борисов, потпретседател на Здружението на оризопроизводители “Бело злато“.

Од Здружението на оризопроизводители рекоа дека не сакаат да бидат манипулирани, туку да им се каже вистината, дали под вакви услови воопшто има потреба да се сее ориз.

– Доста манипулации правеа со оризопроизводителите, четири години се бориме, а тие не наоѓаат решение за оризопроизводителите. Затоа, ги замолуваме доста ги манипулираа и да стават крај на манипулациите, оти ако не се стави крај на овој хаос, ние нема зошто да го сееме оризот, зошто не тераат на сила да го сееме, рече Јордан Манасиев, претседател на Здружението на оризопроизводители “Бело злато“.

Оризопроизводителите се жалат дека откупните цени постојано паѓаат поради што тие се чувствуваат уценети оти мораат да го продадат оризот по срамни цени, иако им било ветувано дека ќе има долна граница под која не смее да се откупува килограм арпа и бел ориз.

– Стана 25 белиот со 13, 12, па еве ако не грешам, луѓето земале и 9 денари од килограм арпа. Тоа е срамота кога производната цена чини 14 денари што и самиот министер за земјоделие ја кажа дека чини 14 денари. Еве, гледаме и површините сами, дека немаат пари да ги соберат површините, до таму е стасан земјоделецот кој произведува храна за луѓето, односно за граѓаните на Република Македонија. Министерот нека стави прст на глава и нека мисли што понатаму.

 

Земјоделците се исплашени за својата егзистенција поради неплатените огромни долгови за струја и други давачки.

– Доколку сега они не седнат и не се преиспитаат дали земјоделецот е потрошен материјал или е господ за нив, доколку тие тоа не го одговорат, ние радикално ќе излеземе на улица. Нема зошто да се шуткаме, од Крупиште до Виница, ќе излеземе сите земјоделци, па дали ќе биде или не, ќе се види тогаш, рече Драган Трифунов, земјоделец од Чифлик.

На крајот од прес-конференцијата земјоделците му порачаа на министерот Цветков дека не е добредојден во Кочамни додека не се решат натруаните проблеми.

– Министерот го повикуваме на Деновите на кочанскиот ориз да не присуствува, бидејќи од него се трпат големи штети во оризопроизводството, рече Зоран Борисов, потпретседател на Здружението на оризопроизводители “Бело злато“.

Инаку, за в понеделник е закажана средба во Министерството за земјоделство меѓу министерот и оризопроизводителите, за која земјоделците велат дека е последна надеж да се преземат мерки за подобрување на нивната состојба.

Извор: Телевизија Канал 8

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e