Милошоски: бараме гласање во Собранието веднаш

Пратеникот Антонијо Милошоски од, како што рече, името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш да ја стави точката за гласање за уставните измени на дневен ред.

На куса прес-конференција свикана во Собранието пред продолжението на седницата посветена на уставните измени, Милошоски одби да коментира дали некои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го смениле мислењето и ќе гласаат за отворање на процедурата за промена на Уставот.

„Во име на пратеничката група укажуваме на следното: Поминаа 19 дена од неуспешниот референдум. Гледаме дека власта одолговлекува со гласањето. Тоа е затоа што мнозинството е свесно дека за пратениците поважна е волјата на народот од притисоците на власта“, рече Милошоски.

„Бараме од господинот Талат Џафери без одлагање да ја стави точката на гласање и да види владејачкото мнозинство дека нема мнозинство“.

Милошоски беше опкружен од повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, но нејасно е дали беа присутни сите кои и припаѓаат на пратеничката група на неговата партија.

„Ние ќе гласаме согласно волјата на народот изразена на пропаднатиот референдум“, рече тој.

Во јавноста постојано кружат гласини дека владата успеала да обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени. Засега нема никаква официјална потврда на оваа информација, а нејзината вистинитост веројатно ќе може да се верификува само со чинот на гласањето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e