Ливна јама од 100 тони паднала во „Макстил“, еден од повредените задржан на КАРИЛ

Четворица работници се повредени во несреќа што се случила изутрина околу седум часот во фабриката „Макстил“. Работниците се здобиле со изгореници, откако ливна јама од 100 тони полна со стопен метал се откачила и паднала, а стопениот метал се разлеал, што предизвикало пожар.

Еден од повредени работници е задржан на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ и е во стабилна состојба, а другите тројца се пуштени на домашно лекување. На терен постапува Државниот трудов инспекторат, информираа надлежните институции.

„Во СВР Скопје во 07:53 часот е пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ се донесени Н.Н.(45), Е.В.(27), С.С.(48), сите од Скопје и Б.М.(35) од скопско, кои се здобиле со повреди на работно место, во „Макстил“. Од четворицата повредени, еден е потешко повреден и е згрижен на КАРИЛ, а другите тројца се пуштени на домашно лекување“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Од челичарницата „Макстил“ го потврдија инцидентот што денеска во раните утрински часови се случи во производниот погон.

„Утринава во 6:50 часот во погонот Челичарница на Макстил при редовни производни активности, поради откажување на дел од опремата на една од дигалките, дојдено е до прскање на течен челик надвор од казанот. При тоа се повредени четворица вработени кои се соодветно медицински згрижени. Тројца се полесно повредени и се пуштени дома, додека четвртиот е задржан на дополнителни испитувања и е под лекарски надзор. Извршен е увид од страна на службата за безбедност и заштита при работа на Макстил и надлежните државни органи и се работи на утврдување на причините, соопштуваат од „Макстил“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e