-Не постои поголем патриотизам од тоа да ја обезбедиш и загарантираш сигурната иднина на својот народ. Од револуционерен Прилеп јасно и гласно кажуваме дека нема друга алтернатива која носи развој на македонското земјоделство освен членството во ЕУ, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски од трибината во Прилеп на тема „ЕУ за развој на македонското земјоделство“.
Николовски потенцира дека 40% од буџетот на Европската Унија се наменети за секторот земјоделство. Значајна е поддршката која нашата држава ја добива преку европските фондови од ИПАРД и ИПА програмите, со кои го развиваме македонското земјоделство, градиме системи за наводнување и ги заштитуваме македонските шуми, рече тој.
Со 97 милиони евра европски средства ИПАРД 3 нуди нови можности за нови инвестиции. ИПАРД е нашата успешна приказна, најголем успех со кој сите треба да се гордееме. И затоа ние заедно со земјоделците треба да сме предводници на европскиот пат. Европа значи иднина, Европа значи развој, посочи министерот.
-Лидери сме во регионот во искористеноста и имплементација на ИПАРД програмата. Од првиот до последниот повик кој тече овие денови имаме буџет од 60 милиони евра, 98% искористеност на средствата што ЕУ ни ги ставила на располагање и 2.369 скличени договори. Повеќе од Албанија, Црна Гора и Србија заедно. Тоа е лидерска позиција! – изјави Николовски.