ЛДП: На обвинетиот Груевски на два месеци пред избори му текна да го опоравува спортот

„Верувале или не и тоа се случи, обвинетиот од СЈО, поранешниот премиер на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, по десет години владеење, сега од позиција на лидер на партија, најавува дека ќе го опоравува спортот во државата.

На само два месеца пред парламентарните избори, екс премиерот се дрзна да ветува крупни чекори за спас на врвните спортови, oткако прволигашки екипи и спортисти кои постигнуваа значајни резултати на домашни и меѓународни натпреварувања oд незаинтересираност ги втурна во удолница.

Се прашуваме, како сега се сетија на спортот? После милиони евра потрошени на „Скопје 2014“, на лавови и галии, на барокни фасади од стиропор, на врби и панорамски тркала. Или, можеби идејата за овие мерки ја даде младата пливачка која во знак на револт за односот на актуелната влaст кон спортот го преплива Охридското езеро?

Во оваа држава има толку незадоволни млади спортисти што би го препливале и каналот Ламанш!

Но, провидноста на криминалците од власта се огледува и во овие мерки кога помпезно се најавува даночно ослободување на фирмите кои ќе инвестираат во спортските клубови, спортисти, или во спортските федерации и Македонскиот олимписки комитет, од истите тие кои воведоа оданочување на донациите и спонзорствата во спортот.

Дали тоа подразбира дека Груевски сака да си ја “испере“ совеста од лошите резултати во спортот или пак бизнисмените-миленичиња на власта да ги “исперат“ парите преку професионалниот спорт?

Голем е бројот на спортисти и спортски работници кои во еден здив можат да направат паралела меѓу спортот некогаш и сега, но во исто време со жалење да констатираат дека за крахот на македонскиот спорт најголема вина има актуелна власт.

Новата влада, после 11 декември, нема да дозволи спортските работници, наместо да си ја работат својата работа, да бидат присилени да присуствуваат на партиски настани и да аплаудираат на партиски фигури и лидери. Новата влада ќе ја има таа тешка задача да го врати спортот на вистинскиот колосек. Секоја донација и спонзорство во спортот ќе биде ослободена од данок, како и ќе се воведе посебен систем на давачки на спортските обложувалници, кои генерираат огромен профит, со цел дел од парите да ги вратат во спортот.

Воедно, ќе инсистираме новата влада да вложи плански и наменски во спортска инфраструктура, во спортските клубови, во спортските таленти. Младите генерации наместо да се трујат со просечни и потпросечни спортски манифестии, да се радуваат на меѓународните успеси на нашите сограѓани“, се вели во соопштението од ЛДП.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e