Кривична пријава за двајца крадци од Скопје

СВР – Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против Д.Е.(21) и К.С.(21), и двајцата од Скопје, поради основан сомнеж дека извршиле три тешки кражби и при тоа стекнале противправна имотна корист од околу 267.000 денари.

На првопријавениот од страна на судија на претходна постапка одреден му е притвор во траење од осум дена.

Кривичните дела пријавените ги извршиле во временскиот период од 30 јуни до 20 јули годинава, на подрачјето на општина Центар.
Првото кривично дело го извршиле на булевар Мајка Тереза, во гостилницата „Кај гурман“, на тој начин што откако се увериле дека нема да бидат забележани од никого, првопријавениот со употреба на погоден алат насилно го скршил стаклото од лизгачката шалтерска врата и ја отворил вратата од шалтерот, влегол внатре, извршил пребарување и претурање во кујната и во другиот простор, каде што пронашол и украл еден телевизор, плински боци, плинско решо и околу 1.000 денари, а второпријавениот чувал стража, по што незабележани го напуштиле местото на настанот.

Второто кривично дело го извршиле на улица Васил Главинов, во кафе-бар „Гарсон“, на тој начин што се приближиле до влезната врата и со насилно кршење на изложното стакло направиле отвор, влегле во објектот каде што извршиле претурање и пребарување во шанкот, каде пронашле и украле неколку шишиња со разни алкохолни пијалоци, два звучника и други предмети.

Третото кривично дело го извршиле на булевар Св.Климент Охридски во „Скопски фенери“, на тој начин што ја прескокнале оградата и со погоден предмет првопријавениот насилно отворил еден прозорец, влегол внатре каде извршил претурање и пребарување по што пронашол и украл поголемо количество алкохолни пијалоци, кафе, парични средства, како и еден паричник со пари и со документи, додека второпријавениот чувал стража.

На 16 септември годинава во просториите на полициска станица Центар извршен е службен разговор со првопријавениот Д.Е., а по К.С. се трага.

Против двајцата пријавени и во претходен период се поднесени кривични пријави и тоа против Д.Е. поднесени се 20 кривични пријави во Свети Николе, Струга, Велес, Охрид и во Скопје од областа на имотните деликти, а против К.С. во претходен период поднесени се 13 кривични пријави во Крива Паланка, Охрид и во Скопје од областа против половата слобода и половиот морал, кривични дела против животната средина, кривични дела против имотот и кривични дела против безбедноста на сообраќајот.

Мета

За поврзани вести продолжете надолу

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e