Ковачевски: Не е време за политички поени и лицитации, туку за креирање политики за доброто на сите граѓани

Оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се преброди само доколку сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните и ова не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани, изјави премиерот Димитар Ковачевски за МИА во однос на барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за телевизиски дуел или средба со него.

– Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи, додава Ковачевски

Тој потенцира дека економските политики се креираат институционално во Владата на Економскиот совет, со учество на сите засегнати страни и одлуките пак се носат на владини комисии и седница, а не на партиски штабови и со помош на партиски структури.

– Економскиот совет во проширен состав, е формиран во рамки на Владата, со цел во кризни времиња, во широка консултација, да се донесат сеопфатни и издржани одлуки во интерес на граѓаните. На овој Економски совет секогаш и во време на корона кризата, покана имале сите чинители, претставници на опозицијата, стопанските комори, претседателот на ЗЕЛС, професори од академската заедница, со единствена намера да се креираат најдобрите решенија за економската иднина на државата, потенцира премиерот Ковечевски.

Тој додава дека на последниот Економски совет во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од опозициската партија не се појавил на седницата.

– Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12:00 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, истакнува премиерот Ковачевски за МИА.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски денеска преку објава на својот профил на Фејсбук го покани вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи утре да дојде на состанок во 12 часот во седиштето на неговата партија, со цел, како што вели, детално да му го објасни неговиот планот и концептот, кои „ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот”.

Мицкоски во објавата наведува дека побарал средба со премиерот Димитар Ковачевски за „да го презентира концептот за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места” и го повикал на дебата на тема енергетика/економија на медиум кој сам ќе го одбере, но дека неговите барања биле одбиени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e