Костадинов: Од ВМРО-ДПМНЕ освен противење на покачувањето на минималната плата, можевме да чуеме и антидржавни, антимакедонски ставови

„Во ВМРО-ДПМНЕ не знаат кај тераат, нивната понуда за обнова на режимот доведува до секојдневни скандалозни изјави од високи функционери на опозициската партија“, истакна порпаролот на СДСМ и пратеник Костадин Костадинов.

Тој изјави дека еден од членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ порачал да не се покачуваат платите, а друг член пак повикал на припојување со други држави.

„Освен противење на покачувањето на минималната плата и платите во приватниот сектор, можевме да чуеме и антидржавни, антимакедонски ставови. Христијан Мицкоски наместо да се оградува од политиките на Никола Груевски жестоко ги брани“, посочува Костадинов.

Нагласува дека неодговорните изјави на високите партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ го покажуваат вистинско режимско лице на оваа партија на штета на државата.

„Обнова на режимот, одбрана на криминалот и обнова на поделбите и изолацијата се единствената понуда на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а со таква понуда можат да се надеваат само на пораз на предвремнените избори на 12 април. Додека понудата на Мицкоски е поделби и квази сојузи со други држави, СДСМ е за интеграција во НАТО и ЕУ. Додека понудата на Мицкоски е да не расте минималната плата, СДСМ ја покачува на историски највисоки 14,500 денари и работи на ново зголемивање“, порачува Костадинов.

Како одговор на новинарското прашање за тоа дали постои некој договор меѓу партиите за одложување на изборите за 12 април, во случај да не завршат ратификациите на договорите за влез во НАТО и дали СДСМ има став во однос на вакво сценарио тој порачува дека Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев направила се во однос на интегративниот процес на државата.

„Подготвени сме кога ЕУ ќе одлучи да ги отпочнеме преговорите, до тогаш јасно е дефинирано на лидерската средба, побаравме брзи предвремени избори, на 22 декември, но ВМРО-ДПМНЕ побегна од избори. Ние сме спремни и за почеток на преговорите со ЕУ, секако и за брзи избори кога и да се одржат. Единствени кои што бегаат од брзи предвремени избори се ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“, додава Костадинов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e