Комисијата за заразни болести бара укинување на задолжителни ПЦР-тестови за одредени видови операции

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција ги соопшти заклучоците од состојбата со ковид-19 и со мајмунските сипаници. Донесена е препорака да се укине задолжителното поседување на ПЦР-тест за одредени видови интервенции/операции во здравствените установи, но треба да се приложи антигенски тест (брз). Околу 1.000 антигенски тестови се достапни на секоја јавна здравствена установа има и залихи и граѓаните не треба да ги купуваат сами, посочи д-р Мехмедовиќ.

Тој рече дека КЗБ покажала загриженост бидејќи во светот има ширење на вирусот со мајмунските сипаници и дека на состанокот бил донесен заклучок системот да се подготви за евентуални пациенти и кај нас. Во соработка со СЗО ќе се набавуваат тестови и терапија за овој тип на вирус.

„Комисијата за заразни болести покажа загриженост бидејќи има ширење на вирусот во светот. Сите релевантни институции покажуваат одреден степен на загриженост, целта на КЗБ е да го подготвиме системот, односно клиничките патеки за следење на евентуални пациенти. Оваа состојба со мајмунските сипаници не е пропорционална со пандемијата со ковид, но со оглед дека сакаме да сме подготвени како систем, се договоривме да ја следиме состојбата и да обезбедиме се што е потребно за евентуален план за лекување на пациенти. Вирусот на мајмунски сипаници постои половина век. Сите земји имаат проблем да обезбедат квалитетен третман и дијагностицирање. Институтот за јавно здравје веќе воспостави контакт со СЗО (Светска здравствена организација) да се набават тестови и терапии. Симптомите на оваа болест се промена на кожата, меурчиња, висока температура, болки во мускулите, омалаксаност…”, појаснува Мехмедовиќ.

За состојбата со ковид-19 за сега нема промени, бидејќи како што рече д-р Мехмедовиќ состојбата е стабилна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e