Коѕијас: Сите се задоволни од Договорот од Преспа

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во интервју за грчкиот весник „Та неа“ истакнува дека сите се задоволни од Договорот од Преспа и додава дека Нова демократија е задоволна, бидејќи е постигнат најдобар можен договор без да има цена, СИРИЗА затоа што гласаше за договор од историско значење.

„Да бидеме искрени. Сите се задоволни од Договорот од Преспа. Нова демократија затоа што се постигна најдобар можен договор, без таа да има цена. СИРИЗА затоа што гласаше за договор од историско значење. Се разбира, некои би посакале да не го постигнев јас договорот. Не е важно. Сите ние што работевме на договорот ѝ служевме на татковината, ја извршивме нашата должност. Имаше цена? Да! Висока лична цена!“, посочи Коѕијас, одговарајќи на прашањето дали Договорот од Преспа е корисен.

Во интервјуто за викенд изданието на грчкиот весник, Коѕијас ја коментира и политиката на актуелната грчка Влада во однос на Договорот од Преспа и вели дека „реализмот што го откри е добар“.

„Но, овде постои една игра: актуелната Влада не е во можност од политички и морални причини, да го следи спроведувањето на договорот. Во пракса не ја интересира, иако е гласна на зборови. Владата на Северна Македонија го сфати тоа и тоа што може не го спроведува. Ова пак ѝ одговара на Нова демократија. Ги осудува прекршувањата што таа ги предизвикува за да може да се повика на нив како изговор за нејзините предизборни преправања“, вели поранешниот шеф на грчката дипломатија и додава дека сега „дојдоа оние кои живеат од проблемите“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e