Истрага за осум лица за злоупотреба на службена положба

Надлежен обвинител при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, за противправна легализација на градежно земјиште со површина од 4.410 метри квадратни во Тетово, нанесувајќи штета на Буџетот на РСМ во висина од околу 860 илјади евра.

– Кон крајот на месец август 2011 година првоосомничениот како тогаш одговорно лице – Претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, започнал постапка за легализација. Кон Барањето за утврдување на правен статус на непостоечки објект, до Општина Тетово, приложил нотарски заверена изјава со која лажно изјавил дека станува збор за објект изграден во 1995 година и геодетски елаборат изготвен од второосомичениот во кој е прикажан непостоечкиот објект во површина од 122 м2. На почетокот на 2012 година, постапувајќи по поднесеното барање две осомничени лица како членови на надлежната Комисија, со неизвршување на својата службена должност, извршиле увид на лице место и изготвиле записник, внесувајќи невистинит податок дека на парцелата постои бесправно изграден објект што претставува градежна и функционална целина. Подоцна, третоосомничениот со искористување на својата службена положба и овластување, иако знаел дека постојат правни пречки за издавање на урбанистичка согласност и продолжување на постапка за утврдување на правен статус за непостоечки бесправно изграден објект, изготвил и потпишал Урбанистичка согласност на име на непостоечко правно лице, со оглед на тоа што правниот наследник на спортското здружение е регистриран во Централниот регистар на РМ три месеци по донесување на урбанистичката согласност. Во декември 2012 третоосомничениот изготвил и потпишал Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, се вели во соопштението од ОЈО.

Во меѓувреме, кога постапката за легализација се уште не била завршена со правосилен акт, шестоосомничениот во својство на службено лице – управител на  Друштвото за спортски активности, со намера да прибави противправна имотна корист за правното лице, поднел  Барање за купување градежно земјиште сопственост на РСМ.  Со барањето приложил Извод од ДУП што по негово барање противзаконски бил изготвен од страна на третоосомничениот кој внел невистинити податоци во планот.

Постапувајќи по Барањето за приватизација, се вели во соопштението од ОЈО, административен службеник е осомничен дека извршил увид на предметната парцела и со искористување на својата положба и овластување изготвил Записник, внесувајќи невистинити податоци, по што предметот го доставил на понатамошно постапување. По добивање на Записникот, осмоосомниченото лице, постапувајќи по предметот, наместо да го одбие заради неисполнување на законските услови за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, без Извод од урбанистички план и без донесен ДУП, изготвило Решение за приватизација на градежното земјиште.

– На овој начин осомничените овозможиле правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4410 м2 откупувајќи го по цена од 43,00 денари за 1м2 или во вкупна вредност од 188.307,00 денари , а на штета на средства на Буџетот на РСМ во висина од 52.920.000,00 денари, се вели во соопштението од ОЈО.

Надлежен обвинител што постапува по предметот во текот на денот до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд ќе достави предлог за определување мерка притвор за шест осомничени и мерки на претпазливост за две осомничени лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e