Грацијано во интервју за МИА: Северна Македонија направи се што беше побарано за почеток на преговори со ЕУ

Претседавачот со Воениот комитет на Европската Унија (ЕУ), генерал Клаудио Грацијано е на став дека Северна Македонија сторила сѐ што било побарано од неа за добивање датум за преговори за членство во Унијата. Факт е, вели Грацијано во интервју за МИА, дека земјата влегува во НАТО и во ЕУ што ќе донесе многу поволности, но и менување на балансот и се отвораат можности за сајбер напади.

„Се согласувам со лидерите на ЕУ, претседателот на ЕК, претседателот на ЕП и претседателот на Советот, кои рекоа дека Северна Македонија направила сѐ што било побарано од неа. Сепак, одлуката ќе биде на земјите членки да одобрат почеток на процесот, што за мене како воено лице е од големо значење бидејќи сметаме дека Северна Македонија дел од Европа и дека многу е направено“, вели Грацијано.

Италијанскиот генерал ја објаснува организацијата и функционалноста на силите во Унијата како и начините на нивно мобилизирање и дејствување.

„ЕУ е уникатна организација која може да ги мобилизира сите аспекти на моќта: економските, политичките, дипломатските аспекти, како и соработка и воениот аспект. Постои цела димензија што овозможува интегриран пристап во мисии и операции. Во овој контекст е усвоена глобална стратегија. Таа бара стратешка автономност и стабилност на ЕУ да води мисии со партнери кога е можно и потребно. За тоа е потребен воен капацитет што е соодветен со НАТО што е посветен на колективна одбрана, но и на операции во време на криза како и миротворни и хуманитарни операции“, појаснува Грацијано.
Првиот човек на Воениот комитет на ЕУ нагласува дека се одвиваат шест операции од кои три се извршни додека три имаат оперативен мандат.

„Едната е во БиХ и во неа учествуваа македонски војници. Потоа ја имаме Софија, операција во Медитеранот како одговор на мигрантската криза и поддршка на либиските сили. Тука е операцијата Аталанта која се бори против пиратството во Аденскиот залив. Имаме и три мисии во Африка – во Мали, во Централна Африка и во Сомалија и се од голема важност и за собирање на искуство за справување со закани што влијаат на Европа. Зборуваме за илегална миграција, трговија со луѓе, тероризам и шверц, организиран криминал што се случува во земји со нефункционален систем, во земји кои од најразновидни причини немаат контрола“, истакнува Грацијано.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e