Ѓорге Иванов и Бан Ки-мун разовараа за бегалската криза и спорот со името

Претседателот на Република Македонија,Ѓорге Иванов, во рамки на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун.

– Чест и привилегија беше можноста да соработувам со Вас изминатите години, Вие сте еден од највидливите и најактивните лидери – истакна Бан за pретседателот на Република Македонија поздравувајќи го лидерството на Иванов на теми од важност за Обединетите нации како климатските промени, Алијансата на цивилизациите, одржливиот развој, мигрантската криза.

Како што соопштија од кабинетот на Иванов, на средбата биле разменети мислења за актуелните предизвици со кои се соочуваат Обединетите Нации, состојбите во Република Македонија и регионот, како и за разликата околу името и процесот што се води во рамки на Обединетите Нации.

Иванов ја поздравил иницијативата за одржување на состанок на високо ниво на Генералното Собрание на Обединетите нации за големите движења на бегалци и мигранти, прашања, што според претседателот, бараат заеднички пристап и координирана акција.

Македонскиот претседател и генералниот секретар размениле мислења за состојбите во Македонија и во регионот на југоисточна Европа, особено во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Во однос на разликата за името, Иванов ја истакнал подготвеноста на Република Македонија за конструктивно учество во процесот што се води под Обединетите нации, во рамки на меѓународното право, Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Иванов ги поздравил зачестените контакти како и мерките за градење доверба кои треба да се прошируваат.

– Со дијалогот и со мерките се создава позитивен амбиент кој помага за враќање на довербата и подобро разбирање – истакна Иванов.

На крајот од неговиот втор мандат како Генерален Секретар на ОН, претседателот Иванов го пофалил лидерството на Бан Ки-мун и неговата посветеност на основните вредности на Обединетите нации и му посака успех во неговите идни ангажмани.

Мета

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e