Гарсија: Се надевам дека Макрон ќе покаже вистинска европска визија за Балканот

По изјавата на премиерот Зоран Заев во интервју за „Еуроњуз“ на грчки јазик дека би можело делумно да биде замрзнато спроведувањето на некои одредби од Договорот од Преспа, се огласи лидерката на Пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент, Ираце Гарсија, која ги повика политичарите „да ја спасат“ спогодбата.

– Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија мора да биде зачуван, изјави Гарсија, цитирана од Еуроактив.

Таа оценува дека ветото на францускиот претседател Емануел Макрон за старт на преговорите со земјава и Албанија претставува „неприфатлива“ одлука и побара од лидерите на ЕУ да ја променат што побрзо.

– Мојата (пратеничка) група ќе повика ова прашање да се најде на дневниот ред на Европскиот совет уште пред пролетта, со надеж дека останатите европски лидери ќе успеат да го убедат Макрон да покаже вистинска европска визија и за Балканот, истакна Гарсија.

Таа смета дека со неуспехот да ги исполни своите ветувања за процесот на проширување, ЕУ го загубила својот кредибилитет и покажала дека има недоволно чувство за историската одговорност кон Балканот.

– Пристапните преговори секогаш претставуваа магнет за поголема демократија и социјален напредок, но беа и светло на надеж за граѓаните, изјави шпанската европратеничка.

Ознаки: ,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e