Џафери: Верувам дека „детските болести“ во Собранието брзо ќе ги надминеме

Актуелното парламентарно мнозинство и оваа владина коалиција, цврсто се решени да ги надминат оние отворени прашања кои нè блокираат на нашиот европски пат, а со тоа дефинитивно да добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери на воведното обраќање на 13-та Конференција на Парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од ЈИЕ – Косап.

– Договорот за пријателство со Бугарија, кој неодамна беше ратификуван и во двата Парламента, како и започнатиот дијалог помеѓу Скопје и Атина на високо ниво, јасно ја потврдува нашата определеност преку дијалог и заемно почитување да изнаоѓаме решенија и за најчувствителните прашања. За нас, исто толку е важен и натамошниот развој на целокупните односи со сите држави од регионот со што придонесуваме кон стабилноста на Западен Балкан и неговата европска иднина – изјави Џафери.

Тој потенцира дека освен власта, одговорност има и опозицијата.

– За да имаме вистинска динамика и успех во остварувањето на реформскиот процес познат како план 3-6-9, не е доволно само ангажман на парламентарното мнозинство и Владата, туку целосно вклучување и на опозицијата. Точно дека мнозинството ја носи најголемата одговорност, точно е дека мнозинството мора да создаде услови за опозицијата да може слободно и демократски да ги артикулира своите интереси, но притоа и опозицијата мора да преземе дел од одговорноста за целокупната состојба, како во државата, така и во остварувањето на европската иднина. Мислам дека кај нас, а и во целиот регион, кога сме во опозиција како да забораваме на сопствената одговорност. Верувам дека и оваа „детска болест“ брзо ќе ја надминеме – додаде Џафери.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e