Дојче веле: Девет дена до влада или до деветиот круг?

Клучот и натаму е во ДУИ, која сега е во фаза на играње симултанка. По средбата со Груевски, Ахмети се сретна и со Заев. Нема детали од разговорите, но има најава за нови средби, пишува Дојче веле.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti (DW/P. Stojanovski)

Остануваат уште девет дена од истекот на законскиот рок, кој мандатарот Никола Груевски го има на располагање за да формира нова влада.

„Девет дена до влада или до деветиот круг?“ – е прашањето што ги изразува стравувањата во јавноста, дека 29 јануари можеби нема да донесе разрешница, туку нови сопки и заплети. Клучот и натаму е во ДУИ, која според четирите опции (влада со ВМРО-ДПМНЕ, влада со СДСМ, проширена влада или заминување во опозиција, односно нови избори), сега е во фаза на играње симултанка. По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Ахмети вчера се сретна и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Иако во соопштението од завчерашната средба Груевски-Ахмети беше потенцирано дека разговорите биле посветени само на две точки – анализа на избори и анализа на актуелните состојби, Антонио Милошоски вчера изјави дека со таа средба почнале преговорите за формирање на нова влада. Од ВМРО-ДПМНЕ се уверени дека до 29 јануари има доволно време да се затворат сите отворени прашања. Но, Милошоски повтори дека ставовите на неговата партија се непроменети: не прифаќаат воведување двојазичност на целата територија на Македонија, ниту продолжување на мандатот на СЈО. А тоа се две од четирите цели на ДУИ, од кои партијата соопшти дека не отстапува, односно, дека нема да прифати договор за формирање влада без нивно реализирање. Според партиски извори, токму продолжувањето на мандатот на СЈО, односно опстанокот на таа институција, може да биде темата која најмногу ќе влијае во исходот од разговорите меѓу досегашните коалициски партнери.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e