ДИК и „Инклузива“ ќе соработуваат за успешни инклузивни избори

Зголемување на поддршката на граѓаните со попреченост во изборниот процес, остварување на нивните гласачки права, унапредување на работата на изборната администрација и успешно спроведување на инклузивни избори се приоритетите на Меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа Државната изборна комисија (ДИК) и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ .

За оваа цел од денеска започнува тридневна работилница за вработените во ДИК преку која учесниците ќе се стекнат со вештини за испорачување на обуки за лица со попреченост. По комплетирањето на оваа активност, ќе следат регионални работилници за претставници од општинските изборни комисии, кои ќе се реализираат во текот на април и мај годинава.

„Во Македонија недостигаат многу работи за да се каже дека изборниот процес е инклузивен, од физичка пристапноста на гласачки места, материјалите за едукација се недостапни за овие лица, како и самите материјали на гласачкото место. Се треба да претрпи корекција“, изјави Благица Димитровска, претседателката на „Инклузива“.

„Инклузива“ и ДИК, заедно со повеќе други организации, минатата година го спроведоа и проектот за увид и проценка на пристапноста на гласачките места за лицата со попреченост во Република Македонија, со што се доби прецизна слика за состојбата со пристапноста на гласачките места.

По овој проект следеше и изготвување на шаблони за гласање на Брајово писмо, наменети за гласачите со попречен вид.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ