Даниела Рангелова била осомничена во случајот на СЈО за Центар

Пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Даниела Рангелова била една од осомничените за време на истрагата на Специјалното јавно обвинителство поврзана со случајот за насилство врз градоначалникот и Советот на општина Центар, летото 2013 година, дознава НОВА ТВ. Таа била дел од осомничените во истрагата, но нема информација дали таа е дел од 14-те обвинети во овој случај за којшто денеска СЈО објави дека е покренато и обвинение.

“Не знам дали сум обвинета. Тврдам дека немам никаква врска со настаните во општина Центар. Гледам имале сведоци, ама тие се лажни сведоци. Јас не сум направила никако кривично дело”, рече Рангелова во изјава за НОВА ТВ.

Од Специјалното јавно обвинителство одбија да ги соопштат имињата на сите обвинети, како и нивните функции.

Во времето на овие демонстрации Рангелова беше советник во општина Центар и таа ги одржуваше прес-конференциите на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во коишто стоеше заедно со претставници на „Веритас“, организацијата која ги водеше демонстрациите кон верниците. Додека Жерновски за време на демонстрациите излегуваше да ја смири толпата и да соопшти дека нема да се руши никаква црква, Рангелова држеше конференции на кои таа и нејзината советничка група инсистираа на тезата дека ќе се руши црква.

На изборите во 2014 таа беше ставена на пратеничката листа на ВМРО ДПМНЕ и оттогаш е пратеник. Таа е и претседателка на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e